Македонија и БиХ посветени на одбранбената соработка и евроатлантските интеграции: средба на Шекеринска со амбасадорката Бабиќ

Македонија и Босна и Херцеговина имаат одлична соработка, во билатерални и регионални рамки и на сите нивоа, констатираа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Босна и Херцеговина во Македонија, Н.Е. Лепа Бабиќ на денешната средба во Министерството.

Шекеринска на средбата изрази благодарност за укажаната доверба за школување на питомци за потребите на вооружените сили на БиХ на Воената Академија во Република Македонија, која се одвива во континуитет веќе пет години. Министерката додаде дека досегашната соработката од областа на одбраната која се реализира преку користење на регионалните капацитети со кои располагаат двете Министерства за одбрана и Армии е одлична и изрази подготвеност за нејзино интензивирање.

Амбасадорката Бабиќ ја поздрави добрососедската политика на Владата на Република Македонија и изрази уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе го одржат позитивниот тренд на развој, ќе се збогатат со нови содржини од заемен интерес, на билатерален, регионален и мултилатерален план, особено за европското и евроатланското интегрирање на Република Македонија и Босна и Херцеговина.

Македонија и БиХ во одбраната соработуваат од 2006 година, кога беше потпишан и Меморандумот за соработка. Во рамките на оваа соработка во моментов на македонската Воена академија се школуваат 13 питомци од БиХ. Отворена е и можноста за обука во Центарот за обука на пилоти, каде досега во два наврати две групи од по 9 припадници на вооружените сили на БиХ престојуваа на обука на симулатор за летање за хеликоптерите Ми-8/17. Активна е и размената на експерти во двата НАТО-центри во Макеоднија и БиХ, Регионалниот центар за односи со јавноста и Тренинг-центарот за мировни операции.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail