Средба на заменик министерот Максути со претставници на Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната

Заменик министерот за одбрана, Беким Максути денеска во Министерството за одбрана оствари средба со претставници на Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната – DEEP.

На средбата на која присуствуваа и претставници од Секторот за човечки ресурси од Воената академија, претставниците на НАТО тимот ја претставија анализата на соработката за изминатата година согласно фокусот на активности и воедно беше разгледан предлогот на активности за следната 2019 година. Притоа беше истакнато дека согласно предлозите на активности за 2018 година се реализирани серија работилници во Република Македонија и курсеви и обуки за професорите од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во странство.

Заменик министерот Максути се заблагодари за досегашната соработка и додаде дека Министерството за одбрана континуирано работи на реализирање на реформите во делот на одбраната и дека ќе продолжи да работи на целите и задачите кои претстојат со цел Република Македонија да стане 30та НАТО членка.

Двете страни се договорија дека соработката ќе продолжи во 2019 година согласно планот на активности чиј фокус е унапредување на наставните програми во Воената академија, анализа на состојбите со образованието на подофицери и поддршка на Планот за имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед во делот на образованието, се со цел стандардизирање на наставните програми во високо образовните институции од областа на одбраната кои се применуваат во НАТО земјите.

Оваа соработката започна во септември 2017 година со вклучување на Македонија во Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната и согласно првичните препораки фокусот е ставен на институционален развој, наставни програми и наставен кадар.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail