Шекеринска на затворањето на 55. Мавровски меморијал во нордиско трчање

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на затворањето на 55. по ред традиционален Мавровски меморијал, меѓународна манифестација во нордиско трчање. Обраќајќи се пред присутните спортисти и гости Шекеринска, на која и припадна честа да го затвори Меморијалот, го изрази своето задоволство што е поканета и присуствува на оваа уникатна спортска манифестација. Сите ние што доаѓаме често во Маврово секогаш погледнуваме во Споменикот на загинатите градители и се сеќаваме на трагичниот настан од 1956 година кој меѓу другото не потсетува дека некогаш за големи работи се потребни големи жртви, рече Шекеринска.

Честитајќи им на наградените за резултатот а на сите учесници за издржливоста министерката додаде и дека Македонија треба да вложува повеќе во спортот.

Министерката како пример ја наведе Норвешка која со своите 5 милиони жители освои најголем број медали на скорешните зимски олимписки игри во Јужна Кореја, и тоа токму во скијачките спортови. Тој резултат, рече Шекеринска, се остварува со долгорочно инвестирање во спортот, помагање на спортистите и овозможување на соодветни услови како би можеле да се натпреваруваат. Таа ги покани спортистите од другите држави да дојдат повторно во Маврово и во наредните години.

Министерката Шекеринска им ги додели наградите на натпреварувачите од машка категорија сениори: Јада Ставре од Македонија, Мартин Пенчев од Бугарија и Роберт Флорин Долхасчу од Романија. Од организаторот Шекеринска доби Плакета за благодарност за успешна соработка, афирмација и несебична поддршка на 55. Мавровски меморијал.

Во натпреварот учествуваа триесетина учесници кои се натпреваруваа во нордиско трчање на 10 километри за мажи и 5 километри за жени, како и голем број јуниори кои се закитија со медали и признанија. Освен од Македонија, во натпреварите учествуваа и претставници од Грција, Србија, Бугарија, Романија, Словенија, БиХ и други земји. Натпреварот се одвиваше на патеката Мирна долина на падините на планината Бистра.

Мавровскиот меморијал се одржува во спомен на загинувањето на неколку десетици работници и граничари при изградбата на мавровскиот енергетски систем во лавина во 1956 година.

Настанот кој траеше од 6 до 8 март е поддржан од Агенцијата за млади и спорт, АД Елем, како и од Скијачката федерација на Република Македонија. Мавровскиот меморијал годинава се одржа под покровителство на заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail