МБТИ-прашалникот се воведува во советувањето за втора кариера

Во периодот од 13 – 15 декември 2011 година, во Центарот за транзиција во Скопје се реализираше обука на обучувачи за професионално советување на тема „Задавање и интерпретирање на резултати од МБТИ (Myers-Briggs Type Indicator) прашалник“.

Цел на обуката беше да се подобрат советодавните вештини на советниците за транзиција и психолозите преку користење на МБТИ прашалникот, а со тоа да се подобри системот на советување за справување со промените и за избор на втора кариера на лицата на кои им престанува службата во АРМ.

На обуката присуствуваа советниците за транзиција од Одделението за транзиција од Секторот за човечки ресурси (од центрите за транзиција во Скопје, во Штип и во Кичево), како и психолозите од единиците на Армијата на Република Македонија. Присуството на психолозите од единиците на АРМ на обуката непосредно ќе влијае на унапредувањето на нивната работа во матичните единици како и на можноста за нивно вклучување во процесот на подготовка за враќање во цивилен живот.

Обуката ја реализираа инструктори од „Детра центарот“, кои се единствени лиценцирани за реализација на оваа обука.

Преку предавања и вежби, учесниците на обуките стекнаа знаења и вештини како да го користат МБТИ тестот во определувањето на типот на личност и за советување за избор на втора кариера, согласно типот на личноста.

По успешната реализација на обуката, советниците за транзиција стекнаа поголема доверба во практичната реализација на процесот на советување, а системот за транзиција доби квалитетна алатка со која објективно ќе може да им помага на корисниците на Програмата за транзиција „ЛЕПЕЗА“ во изборот за втора кариера.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail