Министерката Шекеринска меѓу војниците на АРМ во Авганистан: Вие сте нашите амбасадори, горди сме на вашите постигнувања

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Кабул, Авганистан, е во посета на припадниците на македонскиот контингент во мисијата на НАТО – Алијансата за обука, советување и асистенција на авганистанските вооружени сили „Одлучна поддршка“.

Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013 година.

Шекеринска утрово во Кабул се сретна со македонскиот контингент кој е дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) како и со најстариот национален претставник на Република Македонија, полковникот Кенан Рахиќ. На средбата припадниците на македонскиот контингент ги презентираа пред министерката своите активности во Авганистан, а таа им се заблагодари на македонските мировници за покажаниот професионализам и посветеноста на задачите со што како припадници на АРМ се докажале како посветен и способен партнер на НАТО сојузниците и како амбасадори кои во голема мерка и помагаат на својата земја да стане 30-та рамноправна земја членка на Алијансата.

Министерката во Кабул се сретна и со Командантот на КОСА, бригадниот генерал Јашар Дилбер, а преку видео-конференциска врска разговараше и со командантот на командата за обука, советување и асистенција – Север, германскиот бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус. Министерката се заблагодари за поддршката на македонските мировници, а генералите изразија задоволство од професионалноста и способностите на припадниците на АРМ во извршувањето на задачите, чија главна цел се обука и асистенција на авганистанските сили. Шекеринска имаше средба и со бригадниот генерал Хусеин Канбур, командант на меѓународниот аеродром во Кабул, „Хамид Карзаи“.

Во текот на денов министерката ќе се сретне со македонските војници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, со командантот на мисијата, генерал Остин Скот Милер, со највисокиот цивилен претставник на НАТО Корнелиус Цимерман и ќе има уште една неформална средба со македонските мировници во Кабул.

Во Авганистан заедно со министерката Шекеринска, во посета на македонскиот контингет се и заменикот началник на генералштабот на АРМ, Азим Нуредин, како и тројца пратеници – Фросина Ременски, Трајчо Димков и Реџаил Исмаили.

Придонесот во меѓународни операции за поддршка на мирот е стратешка определба и висок приоритет на Владата на Република Македонија. Македонија е дел од мисијата на НАТО во Авганистан од 2002 година. Во рамките на тогашната мисија ИСАФ, а од 2015 во рамките на „Одлучна поддршка“, Армијата на Република Македонија учествувала со над 3.000 припадници. Во моментов во „Одлучна поддршка“ се распоредени 49 припадници на АРМ, и тоа во рамките на командата на главниот град Кабул во соработка со вооружените сили на Турција, во единицата за обезбедување на главната команда на мисијата во Кабул во соработка со вооружените сили на САД, во тимот за советување и асистенција во командата Север под германскиот контингент и во рамките на придонесот САД – Јадранска повелба.

——————————
ТРАНСКРИПТ – ИЗЈАВА НА МО ШЕКЕРИНСКА

Навистина ми е чест и задоволство што денеска сум тука да бидам заедно со македонските војници во Авганистан, во Кабул и да покажам колку Македонија им должи и колку ја почитува жртвата и трудот кој што го вложуваат. Денеска сум тука и со делегација од Собранието на Република Македонија и мислам дека заедно ја испраќаме пораката дека нашата стратешка цел, членство во НАТО нè обединува, дека нашиот придонес кон светскиот мир нè обединува, но дека пред сè и над сè нè обединува нашата желба да дадеме поддршка на луѓето кои што ги ставаат под ризик своите животи во име и за Македонија. И затоа денеска ќе ни биде задоволство да го поминеме овој ден со нашите војници, припадниците на Армијата на Република Македонија и да се заблагодариме на нивната служба. Во име на татковината, за татковината и за нејзините стратешки цели. Денеска гледате овдека еден дел од нашите војници, најголемиот дел и навистина ќе имаме шанса да разговараме не само со претставниците на НАТО мисијата, претставниците на различните контингенти, туку прво да го поминеме овој ден со луѓето кои што еве веќе на крај се на својата мисија. Шест месеци ги минуваат во Авганистан, носејќи го македонското знаме и претставувајќи ја својата земја во извонредно тешки, ризични и опасни услови.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail