Министерката Шекеринска на церемонија на Кралската воена академија „Сендхрст“ – дипломецот од Македонија Трендевски доби „Интернационален меч“ од принцот Хари

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваше на традиционалната церемонијална парада на дипломците на Кралската воена академија „Сендхрст“, каде дипломецот од Република Македонија, Милош Трендевски, беше прогласен за најдобар од сите меѓународни студенти.

Милош Трендевски доби признание од принцот Хари кој му врачи „Интернационален меч“ за највисоките резултати при школувањето на „Сендхрст“.

„Почестена сум што денеска тука во Велика Британија, на традиционалната церемонијална парада на дипломците на Кралската воена академија „Сендхрст“, каде Република Македонија може да се пофали и гордо да каже дека нашиот питомец, Милош Трендовски, не само што дипломира на оваа престижна воена академија туку е прогласен за најдобар студент од сите меѓународни студенти во класата. Република Македонија и нејзината Армија се добри онолку колку што се добри нејзините војници, нејзините подофицери, нејзините офицери. Затоа ќе продолжиме да инвестираме во знаењата, во обуките, во можностите за дообразование во и надвор од Македонија. И на овој начин, со овие успеси, докажуваме дека нашата Армија може да се носи со армиите на земјите-членки на НАТО, и дека местото на Македонија е во НАТО. Тоа е нашата стратешка цел, за чие остварување ни се потребни пријатели, поддржувачи. И, нив тука во Британија ги имаме на највисоко ниво“, порача министерката Шекеринска.

Милош Трендевски е потпоручник на Армијата на Република Македонија. Пред да замине на дошколување во Сендхрст, дипломирал на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

На церемонијалната парада која оваа година се одржува по 185 пат, студентите редовно ги поздравува и претставник на британското кралско семејство. Првата церемонијална парада била одржана на 14 јули 1948 година, пред кралот Џорџ Шести. Парадата се одржува три пати годишно.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail