Министерката Шекеринска на средба со грчкиот амбасадор Јанакакис: потврдена соработката помеѓу двете земји во одбраната

На денешната средба во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска и амбасадорот на Грција, Н.Е. Димитрис Јанакакис ја поздравија соработката помеѓу двете земји во областа на одбраната и во справувањето со мигрантската криза.

„Има соработка во доменот на одбраната. Двете армии можат да соработуваат добро, без да се оптоваруваат со политички прашања“, истакна министерката Шекеринска. Министерката особено ја истакна воено-образовната соработка, во чии рамки офицери од Армијата на Република Македонија се школуваат на високите воени школи во Грција, како Националниот одбранбен колеџ или Високиот воен колеџ. Амбасадорот Јанакакис изрази задоволство од добрата соработка во одбраната и дополни дека може многу да се направи во нејзиното унапредување. „За нас вие сте важен сосед. Како земја сме заинтересирани за ваш успех и просперитет“, рече Јанакакис.

Министерката Шекеринска на средбата се осврна и на мигрантската криза, информирајќи дека Собранието на Република Македонија ја продолжи кризната состојба на јужната граница, а со тоа и на припадниците на АРМ на границата. „Припадниците на Армијата на Република Македонија се на нашата јужна граница. Состојбата таму не е драматична, но не може со сигурност да се каже како таа ќе се развива“, рече министерката и додаде дека е потребно да се постави систем со кој ќе се справиме со овие предизвици. Во тој контекст амбасадорот Јанакакис истакна дека е добредојдено намалувањето на притисокот на мигрантската криза на границите на двете земји. Тој се осврна и на добрата соработка помеѓу полициските и воените сили на границата.

Од аспект на интеграцијата на Македонија во НАТО алијансата, министерката Шекеринска побара солидарност од Грција како сосед. „Членството во Алијансата ќе ја зајакне земјата, а ќе ги направи и границите постабилни“, рече Шекеринска. На средбата од соговорниците беше поздравена посетата на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров на Грција, како и најавената возвратна посета на неговиот грчки колега, Никос Коѕијас на Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail