Министерката Шекеринска на средба со француската министерка за вооружени сили, Флоранс Парли: Франција силно ќе ја поддржи Македонија во НАТО

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во Париз имаше официјална средба со министерката за вооружени сили на Франција, Флоранс Парли. Официјална средба меѓу министри за одбрана на Македонија и на Франција се случува за првпат по една деценија. На средбата стана збор за соработката меѓу двете министерства и за состојбите во нашата земја и во регионот.

Во разговорите министерката Шекеринска го нагласи очекувањето нашата земја во скоро време да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во ЕУ. „Мојата влада вложи многу во процесот на зачленување во НАТО. Покажавме резултати во домашните реформи, вклучително и на план на одбраната, но и се зафативме со отворените билатерални прашања“, рече Шекеринска.

Таа додаде дека процесот на пристапни разговори со НАТО е завршен и дека за неколку дена ќе биде поднесена Програмата за продолжување на реформи, а паралелно во Собранието се води процесот на уставни измени за чија иницијатива даде поддршка и дел од опозицијата.

„Франција е многу важен партнер за Република Македонија, но нашата држава вложуваше недоволно во тоа партнерство и се чувствувавме потоа разочарани заради тоа што немаше видлив интерес ниту за случувањата ниту поддршка на Република Македонија. Но сакавме и покажавме дека вртиме нов лист. Пристапивме кон нашите француски колеги, покажавме резултати на план на домашните реформи, покажавме нов стил во односот кон соседите и покажавме дека Балканот може да биде со европски вредности. Тоа е препознаено и поддршката не изостана“, рече министерката Шекеринска по средбата.

Француската министерка Парли го поздрави напредокот во земјата и рече дека Франција ја поддржува Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО. Таа го оцени договорот со Грција како голем пресврт во односите во регионот и ги повика чинителите од двете страни да го поддржат и да дозволат негова целосна имплементација. Министерката Парли изрази задоволство од придонесот на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО и ја истакна заинтересираноста на Франција за учество на Македонија и во мировни операции на ОН и ЕУ. Таа ги оцени позитивно внатрешните реформски процеси за исполнување на поставените критериуми за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.

На средбата и претходеше официјален пречек од страна на министерката за вооружените сили на Франција, Флоранс Парли и државната секретарка Женевиев Дариосек, со највисоки воени почести, интонирање на македонската и на француската химна и постројувањена Републиканската гарда и свечените трупи на сите родови на вооружените сили на Франција.
Шекеринска во Париз се сретна и со претседателот на Комисијата за надворешна политика, одбрана и воени сили Кристијан Камбон а оствари средби и со други високи претставници од одбраната и безбедноста.

Министерката Шекеринска во мај беше одликувана со орден „Командант на Националниот ред за заслуги на Република Франција“. Ова високо одликување, воспоставено во 1963 година од Генералот Шарл де Гол, се доделува за истакнати граѓански заслуги, на воени или цивилни лица. Таа го доби орденот за нејзиниот особен придонес кон развојот на односите помеѓу Македонија и Франција, како и за нејзината посветеност на промовирањето на европските граѓански вредности.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail