Шекеринска со војниците на јужната граница: граѓаните спијат мирно заради вашата посветеност и професионалност

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – мајор Васко Ѓурчиновски, денеска на караулата Богородица и на армискиот пункт во Богданци, ги посетија припадниците на Армијата на Република Македонија.

Постојаното присуство и на Армијата во поддршка на операциите на МВР на јужната граница покажува дека ова е проблем кој Македонија не смее да го занемари, рече притоа министерката Шекеринска. Додаде дека во 2018 година припадниците на АРМ успеаја да спречат повеќеод 500 нелегални обиди за преминување на границата, додека таа бројка претходните години беше и неколкукратно поголема.

Министерката Шекеринска порача дека граѓаните на Македонија можат мирно и спокојно да ги слават претстојните празнични денови токму затоа што припадниците на Армијата, деноноќно и професионално се грижат за колективната безбедност.

„Сметам дека е важно особено во овие денови кога се подготвуваме и за празници, да ја изразиме нашата благодарност на припадниците на АРМ кои што не се дома со своите семејства, туку се тука и извршуваат задачи за граѓаните на Гевгелија, на Богданци, но и на цела Македонија да не стравуваат од опасност по безбедноста или стабилноста на државата“, рече министерката.

Шекеринска рече дека во разговорите со припадниците на АРМ и армискиот врв, стана збор за начините за зголемување на соработката меѓу различните институции и подобрување на опремата со која располага Армијата.

„Владата покажа дека знае да го награди ваквиот несебичен и многу важен однос на припадниците на АРМ. Минатата година платите на сите припадници беа зголемени за 10 проценти, оваа година ќе бидат зголемени за дополнителни 5 проценти што значи дека прв пат практично имаме две години по ред зголемување на платите. Ми беше задоволство што на крајот на минатата година успеавме да завршиме два многу важни процеси – обезбедување на чизми и униформи за припадниците на АРМ, но нашата цел е поставена многу повисоко – да дискутираме за вистинска опрема, да дискутираме за модерни начини не само за чување на границата, туку и на работење на Армијата“, рече министерката по обиколката на караулата Богородица кај Гевгелија.

Припадниците на АРМ се распоредени на нашата јужна граница од летото 2015 година, како мерка за зајакнато обезбедување на границата од нелегалниот мигрантски бран, а во помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail