Министерката Шекеринска на средба со првите луѓе на синдикатите: Целта ни е да наоѓаме решенија кои ќе бидат во полза на сите вработени

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска оствари заедничка средба со претседателот на Синдикатот за одбрана и безбедност, Ристо Ајтов, претседателот на Синдикатот на одбранбениот и бeзбедносен сектор, Оливер Стојановски, претседателот на Независниот Синдикат за одбрана, Ванчо Исајов и претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Аднан Алитов.

Првите луѓе на Синдикатите генерално ги изложија проблемите со кои се соочуваат и побараа подобар животен стандард на вработените, подобрување на условите за работа, реновирање на објектите и  мотивирање на професионалните војници.

-          Целта на средбата е да пронајдеме решение за проблемите кои се бројни и да поставиме приоритети. За дел од проблемите веќе работиме на решенија, во делот на опремата за војниците и исплатата на одредени законски права.  Отворени сме за соработка, политиката за подобрување на состојбите која се осмислува од раководството, да стигне до секој војник,  рече министерката.

Дел од претставниците на Синдикатите се пожалија на политизација при изборот на професионални војници, при приемот на питомци во воената Академија и на општа политизираност во работата на МО и во Армијата  во претходниот период. Министерката Шекеринска рече дека е очигледно дека влијанието на политиката го зело својот данок, но дека таа ќе инсистира на професионално работење, а за политизација во Армијата ќе има нулта толеранција.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail