Нови 90 професионални војници во служба на АРМ

Денеска во касарната Илинден во Скопје се одржа свеченост по повод приемот на 90 нови професионални војници во служба на Армијата на Република Македонија.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски во своето обраќање посочи дека клучен елемент за успехот на секоја Армија е високо обучениот, мотивиран и квалитетен професионален воен персонал. „Со овој прием на 90 професионални војници, како и со претходните приеми, сакаме да ја постигнеме и посакуваната пополна на единиците со високо квалитетен, способен, мотивиран и обучен персонал“, рече министерот на свеченоста и додаде дека 9 од професионалните војници ќе бидат дел од специјалните сили со што се подобрува пополната и квалитетот и на оваа единица.

Обраќајќи им се на професионалните војници, министерот посочи дека овој ден ќе биде посебен во нивниот живот, ден кој ќе го паметат засекогаш. „Вие поминавте низ ригорозен процес на селекција и докажавте дека сте најдобри меѓу најдобрите. Имавте силна волја, мотивација и желба да бидете избрани и да ја носите униформата на Армијата на Република Македонија, униформа која претставува гордост и престиж“.

Министерот Јолевски потсети дека и во иднина треба да се работи посветено, чесно и хумано и дека подготвеноста, енергијата и желбата за успех ќе бидат основата за напредокот во нивните кариери. „Вашата основна функција е борбената готовност, што значи подготвеност да се исполни уставната функција на АРМ, како гарант за територијалниот интегритет, суверенитет, независност и унитарниот карактер на Република Македонија“, заклучи министерот во своето обраќање пред ново-примените професионални војници.

Ново примените професионални војници поминаа преку ригорозен процес на селекција кој вклучува медицински и психо-физички проверки. Шест од 90 ново-примени војници се жени, а една од нив ќе биде дел и од Полкот за специјални операции.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail