Новогодишно видео – обраќање на министерката Шекеринска

Гледајќи наназад, можеме да бидеме навистина горди на она што заедно го постигнавме во 2018 година. Во историјата ќе остане запишано дека ова е годината во која ја прекинавме изолацијата на нашата татковина и ги отворивме вратите за да станеме рамноправна членка во најмоќниот воено-политички сојуз.

Поканата за членство во НАТО е во наши раце, пристапните разговори успешно ги реализиравме. Местото на сојузничката маса е веќе резервирано!

За прв пат по 14 години американски секретар за одбрана ја посети Македонија. За прв пат по 6 години имавме средба на највисоко ниво во Пентагон. По повеќе од една декада генерален секретар на НАТО ја посети Македонија и тоа два пати во иста година. За прв пат во нашата историја во една година имавме билатерални средби со министрите за одбрана на Франција, на Германија, на Италија.

Клучните политички авторитети на светската сцена допатуваа кај нас да ни порачаат – ве очекуваме, време е да станеме сојузници!

Но, крупните достигнувања не нè одвратија од одлучноста да и се оддолжиме на Армијата. Ветивме и сработивме – за прв пат, две години по ред растат и буџетот за одбраната и платите за Армијата на Република Македонија. Тоа е затоа што знаеме кој е столбот на нашата безбедност – тоа се нашите војници и нашите офицери!

Долги години само се зборуваше за проблемите со униформи и чизми на припадниците на Армијата на Република Македонија. Оваа година покажавме дека знаеме да ги решаваме проблемите. Обезбедиме чизми за сите припадници на Армијата на Република Македонија и веќе потпишавме договор за 14.000 униформи. Нашите војници и офицери никогаш повеќе нема да се соочуваат со овој проблем.

Бев со нашите мировници во Авганистан. Отпатував таму за да им порачам дека Македонија е горда на нив. Тие беа и остануваат нашата вистинска влезница во НАТО.

375 млади луѓе оваа 2018 година влегоа во редовите на Армијата. Го реализиравме тоа што го ветивме. 375 млади луѓе добија работа со добри услови и со шанса за напредок.

Во 2018 година се фокусиравме на нашата цел – Македонија да биде член на европското семејство. Знаеме дека во 2019 нашиот фокус мора да биде на домашните реформи. Да ги зголемиме шансите за сите граѓани на нашата татковина. Да ја подобриме економијата и да го засилиме животниот стандард.  За ова ќе ни треба вашата доверба и вашата поддршка. Ќе работиме напорно и ќе го испорачаме ветеното.

Ви посакувам среќна Нова 2019 година и ве повикувам заедно да го кренеме македонското знаме пред НАТО – алијансата и да продолжиме да ја градиме нашата иднина!

Среќни празници!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail