Германската министерка за одбрана Фон дер Лајен по средбата со министерката Шекеринска: Македонија и Германија ги делат истите вредности, да продолжиме да ја градиме Европа заедно!

Министерката за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лајен денеска пристигна во официјална посета на Република Македонија, прва посета на сојузен министер за одбрана на Македонија по 11 години.

По средбите во министерството, министерката Радмила Шекеринска рече дека честите посети на највисокото германско раководство, канцеларката Меркел, министерот за надворешни работи Мас и министерката Фон дер Лајен, покажуваат дека Германија е искрен, постојан и вистински пријател на Македонија.

Шекеринска истакна дека македонско-германското пријателство е долгогодишно и дека македонските граѓани сè уште го паметат признавањето на независна, самостојна суверена Македонија од страна на тогашниот германски канцелар Хелмут Кол, време на исклучително германско лидерство во период кога Балканот ги живееше своите најмрачните денови.

„Тоа германско лидерство го препознаваме и денеска, кога добиваме сериозна, искрена и отворена поддршка токму кога македонските граѓани одлучуваат за својата земја, својата иднина. Тоа лидерство го видовме и на претходниот самит на НАТО во вашата силна поддршка на самитот Македонија да ја добие долгогочекуваната покана за членство во Алијансата“, рече министерката Шекеринска.

Министерката посочи дека македонските граѓани покажаа дека сакаат промени, сакаат да живеат во ослободено, демократско општество во кое владее правото и законите, во кое слободно ќе се изразуваат, а медиумите ќе бидат гласен коректив на политиката. Истакна дека тоа беше императив и за Владата – беа направени значајни реформи, Македонија покажа дека може да биде партнер и соработник, а не непријател со соседите.

„Сите реформи беа ветар во грбот за нашата стратешка цел – членство во НАТО и ЕУ. За нас Македонија во НАТО и во Европската Унија значи стабилност, безбедност, економски просперитет, проток на лица, отворени граници, блиска соработка со нашите соседи, со Европа. Стабилна и безбедна Македонија значи стабилен и безбеден Балкан, а вашата значајна поддршка на овој пат покажува дека тоа е важно и за Германија и за Европската Унија“, истакна министерката и додаде дека 30 септември е моментот на позитивен пресврт.

„Сега, сите заедно, здружено, обединети треба да потврдиме дека Македонија ќе биде дел од двата најмоќни сојузи на денешницата и дека ќе биде подобро, поубаво, посигурно место за живеење. Вашата поддршка на овој пат постојано ни значи“, заклучи Шекеринска.

Министерката Фон дер Лајен ја изрази поддршката од целата сојузна влада за продолжувањето и развојот на европската перспектива на Македонија и додаде дека Европа и светот се пред големи предизвици, за кои вистинското решение е соработката во еворатлантската заедница. Фон дер Лајен истакна дека претстојниот референдум е една голема шанса на која изрази уверување дека граѓаните ќе земат активно учество.

„Од нашето искуство со германското соединување, можам да кажам дека такви шанси се уникатни и дека треба да се искористат. Сакам да кажам дека зборувам за соединета, обединета Европа и дека сакаме заедно да продолжиме да ја градиме Европа со вас“, рече германската министерка и додаде дека Македонија и Германија ги делат истите вредности – демократијата, владеењето на правото, достоинството на секој еден поединец, правото на слободно изразување.

Шекеринска и Фон дер Лајен се согласија дека билатералните одбранбени односи се на највисоко ниво, и во однос на обуката и доквалификацијата на припадниците на АРМ во Германија, заедничките вежби и обуки и поддршката на материјален план, но и во рамките на меѓународните мисии на Алијансата каде македонските војници стојат рамо до рамо со нивните германски колеги и колегите од другите 19 сојузници.

Двете министерки денеска во 11.30 часот во хотелот „Мериот“ ќе учествуваат и на панел-дискусија во организација на фондацијата Конрад Аденауер, на тема „Улогата на цивилното општество при процесот на интеграција во НАТО и ЕУ“.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail