Мир, соживот и просперитетен свет за идните поколенија: порака испратена на отворањето на изложбата „100 години од Првата светска војна“

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, говорејќи на денешното отворање на изложбата „100 години од Првата светска војна: Италијанската армија на Македонскиот фронт 1916-1918“ во Воениот музеј, истакна дека поводот за оваа изложба е заедничката судбина на Македонија и на Италија, како земји – страдалници во оваа војна. Притоа, министерот ја истакна и одличната соработка која овие земји ја имаат денес и тоа на сите полиња, а особено одбраната. Јолевски посочи дека на изложбата е презентиран материјалот кој е добиен од Амбасадата на Италија, а станува збор за досега необјавени музејски и военоисториски материјали за учеството на Италијанската армија на Македонскиот фронт во Првата светска војна.

Денес, Република Македонија како аспирант за членство во НАТО и Европската Унија силно се залага народите и државите да се спојуваат околу идеалите на демократијата, почитувањето на човековите права, на законите, на културните разлики, додаде министерот во обраќањето пред дел од дипломатскиот кор во Република Македонија.

Одличната соработка помеѓу двете земји ја потврди и италијанскиот амбасадор во Република Македонија, Карло Ромеро, додека директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев, посочи дека станува збор за уникатна поставка која содржи 150 автентични фотографии и 25 карти архивирани во воениот институт во Рим и другите институции во Република Италија. Претставени се 16 серии од Панорамски фотографии од различни позиции на македонскиот фронт, а прикажани се и позициите во близина на Битола и Дојран и Дојранското Езеро, односно двата града кои најмногу настрадале во Првата светска војна.

Во однос на материјалите, директорот Стојчев истакна дека италијанските автори кои пишувале за овие простори, во своите записи од тој период ја спомнуваат Македонија како земја каде е воспоставен македонски фронт, а воедно и ги препознаваат Македонците како луѓе со посебен национален идентитет.

Изложбата е отворена за јавноста до крајот на јануари 2017 година, од 09 – 17 часот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail