Почнуваат завршните преговори во НАТО за членство во сојузот на најсилните земји во светот

Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, одржаа прес конференција во Владата на Република Македонија, како членови на Комитетот за интеграција во НАТО, и членови на Работниот комитет за интеграција во НАТО, информираа за официјалниот старт на пристапните разговори на нашата земја со НАТО, во седиштето на Алијансата, кои ќе се одржат од 17 до 19 октомври.

„Пред нас е шансата нашата држава да стане членка на најмоќниот систем на колективна безбедност што обединува 900 милиони граѓани. Најсилните земји во светот ќе бидат наши сојузници. Македонија отсекогаш беше обединета по прашањето за членство во НАТО. Оваа ориентација е присутна во сите програми на важните партии во земјата од осамостојувањето до денес. Тоа е точката која не поврзуваше и во моментите кога бевме најразлични и најподелени. Сега е моментот, сите ние, а најмногу пратениците, од зборови да преминат на дела. Пратениците од сите политички партии се исправени пред историска шанса и одговорност. Никој нема право да ѝ ја одземе иднината на оваа земја и на нејзините граѓани кои предолго ја чекаат оваа вест, особено по поканата од НАТО“, порача Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

„Со оваа сесија на разговори во Брисел, Република Македонија ја отвора последната фаза, пред членство во своите односи со НАТО, што претставува суштински исчекор во процесот што ќе нѐ донесе до реализација на нашата  најголема стратешка цел,  преку целосна имплементација на „Преспанскиот договор“.

Впрочем, како што диктира доминантната политичка волја на мнозинството македонски граѓани што гласаа на референдумот“, истакна во своето обраќање министерот за надворешни работи Никола Димитров.

„Не смееме да бегаме од нашата одговорност. Нема поголем патриотизам од преземање на одговорноста и визија за иднината. Ние тоа го направивме како Влада, ги инициравме уставните измени коишто се во контекст на успех на овој процес, сега сѐ е во рацете на пратениците.

Ништо не е важно – ни партии се важни, ни идни избори. Политички кариери се неспоредливо помалку важни од историскиот, судбинскиот влог пред нас. 27 години поминаа, ајде сите заедно да го затвориме ова поглавје на предизвици и да отвориме ново, да се бавиме поконкретно, посуштински со прашањата што нѐ засегаат за да си ги задржиме младите дома и да си ја направиме Македонија европска тука, да не ја бараме Европа вон границите на  Македонија“, рече министерот Димитров.

Според сите анализи од релевантни институции и поединци, нашето членство во НАТО значајно ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но, ќе биде и позитивен пример и придонес за регионалната безбедност, стабилност и просперитет во регионот на Западниот Балкан.

„Во оваа фаза на преговорите ќе биде утврдена и временската рамка за нивно комплетирање, која во нашиот случај е веќе прилично јасна. Имено, процесот треба да заврши до крајот на декември оваа година. Потоа, во јануари 2019 година, Република Македонија ќе го потпише Протоколот за пристапување со право на учество во сите тела на НАТО, но, без можност да гласа, а приемот на нашата земја во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе го ратификуваат Протоколот за пристапување и тоа, секоја одделно во своите национални парламенти.

Во нашиот случај е предвидено Грција да биде првата земја-членка која што ќе го ратификува овој документ, откако ние ќе го завршиме нашиот дел од обврските од Преспанскиот договор“, потсети Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, на прес конференцијата посветена на официјалниот старт на пристапните разговори на нашата земја со НАТО, во седиштето на Алијансата, кои ќе се одржат од 17 до 19 октомври.

На прашање на новинарите упатено до Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска  за делот од излагањето на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во кое тој повика на помирување во Собранието на РМ во име на поддршка на уставните измени, вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска истакна дека правдата и помирувањето не се исклучиви, туку се надополнуваат и дека пораката на премиерот Заев беше токму во таа насока, дека на оваа држава ѝ е неопходна правда, и додаде дека поделена држава, не е држава што оди напред.

„Покажавме и во однос на нашите односи со соседите, и во поглед на нашата ситуација дома, дека сакаме да водиме грижа за државните, а не за нашите партиски интереси. Сега е момент да покажеме дека кога е најтешко и кога е најважно, Македонија ги носи вистинските одлуки. Тука партиски, лични интереси, не смеат да доминираат. И мислам дека премиерот вчера беше многу јасен. Влеговме во оваа операција не да успееме како личности и како партии, туку за да успее нашата држава“, одговори Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail