Владата е посветена на реформите за членство во НАТО: средба на министерката Шекеринска со помошник генералниот секретар на Алијансата, Илдем

Помошникот генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, амбасадорот Тачан Илдем, од денеска престојува во дводневна посета на Република Македонија, во чии рамки оствари средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а го посети и единствениот НАТО-сертифициран центар во Република Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста.

На средбата, министерката Шекеринска посочи дека членството во НАТО претставува стратешка определба на Република Македонија, која има висока поддршка од граѓаните на Македонија. „Зачленувањето на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен импулс за безбедноста и стабилноста на Регионот“, рече Шекеринска и потенцираше дека Македонија е фокусирана да ги спроведе реформите согласно насоките од Варшавскиот самит на Алијансата, кои подразбираат напредок во владеењето на правото, слобода на медиумите, унапредување на човековите права и професионални институции.

Шекеринска додаде дека Владата на Република Македонија веќе покажа дека политиката на добрососедство е еден од главните приоритети. Министерката посочи дека Владата е подготвена да ги решава прашањата кои се отворени, а не само да ги набројува и користи како изговори.

Помошникот генерален секретар Илдем силно ги охрабри напорите на новата реформска влада за спроведување на реформите потребни за членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО. Тој потенцираше дека се очекуваат конкретни резултати согласно препораките на НАТО од Самитот во Варшава и изрази поддршка за реформскиот капацитет на Владата.

При посетата на Регионалниот центар за односи со јавноста, во придружба на заменик-министерот за одбрана Беким Максути, помошникот генерален секретар Илдем, се запозна со структурата и видовите на обуки кои се изведуваат во Центарот, како единствен НАТО Партнерски центар за образование и обука во нашата земја.

Заменик-министерот за одбрана Максути посочи дека Регионалниот центар за односи со јавноста од своето основање во 2005 година во голема мера придонесе кон развојот на капацитетите за односи со јавноста во земјите од Југоисточна Европа.

„Со понудата на овој значаен капацитет, на сите земји-членки на НАТО и партнерите, ние праќаме силен сигнал дека Македонија е подготвена да помогне и да даде поддршка на НАТО, не само во меѓународните мировни мисии и операции, туку и во области како односите со јавноста“, заклучи Максути.

Регионалниот центар за односи со јавноста, освен што е единствен НАТО-партнерски центар во Македонија, тој е и единствен Центар од овој вид од постојните 31Партнерски центар за образование и обука во светот кој е специјализиран исклучиво за изведување на обука за односи со јавност.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail