Премиерот Заев, вицепремиерот Османи и вицепремиерката Шекеринска на конференција „Патот понатаму за Република Македонија“

Во организација на институтот „Прогрес“ денеска во Скопје се одржа конференција на тема „Патот понатаму за Македонија“ на која учествуваа Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, и Заменик претседателката на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Во обраќањето на панелот „Реформи и политики за градење доверба во Македонија“ на конференцијата „Патот понатаму за Македонија“, премиерот Заев на почетокот се ги пренесе своите импресии од последната посета на Брисел, и од придвижувањето во позициите на Република Македонија во перцепцијата на Европската Унија и истакна дека “целиот регион и нашата Македонија се многу поразлични во перцепцијата на ЕУ, и цел демократски свет за само една година. Република Македонија блеска во очите на Европската унија”.

Во своето обраќање на конференцијата Претседателот на Владата на РМ, се задржа на неопходноста за градење доверба во Македонија, во период кога нашата земја е во процес на реституција на функционалноста на севкупниот политички систем.

Во таа насока, премиерот Заев истакна:

„Тргнувајќи од очекувањата на граѓаните, знам дека бескомпромисната борба со корупцијата во практикувањето на политиката, како и транспарентноста, пристапноста, отвореноста и свесноста на владата за потребите на луѓето, се основните столбови врз кои треба да се стекне и изгради довербата на граѓаните. На сите граѓани во нашето општество.

За да го постигнеме тоа, мора да се обезбеди одговорно, инклузивно, и транспарентно донесување одлуки на сите нивоа. Неопходно е да создадеме ефикасни, одговорни и транспарентни институции.

Суштински да обезбедиме владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите кои се огрешиле пред законите.

Ако не се справиме со корупцијата ефикасно, со функционални институции задолжени за тоа, ние и понатаму ќе се соочуваме со сите форми на организиран криминал, насилство, експлоатација и злоупотреба, како последици на корупцијата“.

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев нагласи дека „на граѓаните во Република Македонија веќе ништо нема да им ја одземе препознаената моќ. Граѓаните добро знаат дека тие ги избираат лидерите и дека тие учествуваат во обликувањето на политиките од непосредна важност за нив, за општеството и за иднината. Развиена е политичка култура што ќе има влијание и врз генерациите што доаѓаат“.

Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, на конференцијата „Патот понатаму за Македонија“ рече дека „со оглед на испорачаните резултати можам да кажам успеавме да ја вратиме земјата на вистинскиот пат“, и додаде:

“Во 2018 година, како никогаш порано ни се отвора прозорец на можности, моментум на европски оптимизам кој е присутен во земјава, регионот но кој е проширен и кај земјите членки на Унијата. 2018 претставува историска година на можности кога Македонија може, треба и ќе ги затвори прашањата за ЕУ и НАТО. За таа цел потребно ни е да изградиме консензус за обврските по прашање на нашата европска и евроатлантска агенда. Инклузивност на граѓанскиот сектор при изработка и имплементацијата на потребните реформи, изградба на политички консензус за стратешките интереси и клучните политички прашања, како и севкупен општествен консензус за посветеноста на земјата во насока на интеграцијата во ЕУ и НАТО“.

Заменик претседателката на владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на конференцијата на тема „Патот понатаму за Македонија“, нагласи дека „клучно за Македонија е да кажеме, да, имавме мрачни моменти и неколкугодишна криза но силата на земјата не се мери по тоа колку длабоко ќе падне, туку колку брзо ќе стане“.

Во продолжение на своето излагање, вицепремиерката Шекеринска истакна дека само 6 месеци после инцидентот во Собранието на РМ, позитивно шокантно е што Македонија може да се претстави како нормална демократска земја со кохезија и сила.

Кризата беше сведувана на ривалитети и конфликт меѓу политичките актери, но всушност имаше недоверба кон институциите на државата. Мислам дека акцентот треба да го ставиме на создавање на доверба кон институциите.

Добро е што разбудената македонска јавност поставува прашања. Тоа ќе не направи подобра држава.

Владата обрнува големо внимание на транспарентноста бидејќи таа создава имунитет во општеството кон слабостите, корупцијата, клиентелизмот и врски. Треба да се фокусираме на изградба на институции каде транспарентноста ќе создава отпорност кон такви тенденции.

Дали членството на Македонија во НАТО и ЕУ има вредност за НАТО и за ЕУ ? Како што нагласи еден француски политичар, за да стане ЕУ модел треба да биде актер и да влијае на настаните. Во последните неколку години ЕУ и САД влијаеа позитивно. Македонија е пример дека кога има реакција и ангажман, има и позитивни резултати. Македонија може да биде пример на Балканот во делот на третирање на меѓуетничките прашања. Од кризата, Македонија излезе со поголема социјална и етничка кохезија. Како позитивен пример, тоа можеме да го понудиме на земјите членки на ЕУ и НАТО. За да го забрзаме патот кон ЕУ треба да обезбедиме членство во НАТО.

Ќе треба заедничка акција и силни институции, сите, одговорно да го извлечеме максимумот од себе и да ја искористиме оваа трета шанса. Верувам во трета среќа“, истакна министерката за одбрана Шекеринска на конференцијата „Патот понатаму за Македонија“, на која учествуваа и Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail