Прес конференција на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на тема: Транспарентност во работењето на МО

Министерството за одбрана не само во Македонија, но особено во Македонија се сметаше за едно од традиционално најзатворените министерства, заради природата на работа, но и заради таквата политичка волја. Со оваа прес конференција, сакаме да ја упатиме пораката и да покажеме дека тоа не е неопходно и дека тоа не треба да биде така и дека можеме министерството за одбрана да го направиме да биде отворено за јавноста, за претставниците на медиумите и за граѓаните на оваа држава. Зад параванот на класифицирани информации важни за безбедноста на државата во минатото се криеја потези кои значеа криминал, злоупотреба на средства, лагодно однесување од страна на раководителите во Министерството, па дури и манипулации. Во име на законската потреба од класифицираност околу споделувањето на информации за суптилни безбедносни прашања се правеле манипулации кои оделе директно на штета и на безбедноста на државата, но и на буџетот на Република Македонија. На таа практика и дојде крајот. Определбата на оваа Влада за транспарентност нема да го заобиколи Министерството за одбрана. Напротив, сакаме да покажеме дека ова министерство во некои чекори може да биде дури и понапред од останатите.

Во МО и понатаму ќе има доверливи и класифицирани информации, но исклучиво оние поврзани со безбедносните интереси на државата. Такви не можат да бидат трошењата на министерот или раководната структура, услугите јавните набавки итн. Граѓаните мора да можат да ја добијат информацијата за тоа како се трошат и за што се трошат нивните пари. Транспарентноста во работењето ја гледаме како една од главните алатки за борба против корупцијата, а одговорното работење не го гледаме како право, туку обврска за сите нас.

Затоа во Министерството за одбрана започнавме со  спроведување на принципите на т.н. активна транспарентност. Принципи кои се содржани во Програмата за работа на владата, а според кои институциите треба да ги споделуваат информациите дури и истите пред да бидат побарани од страна на граѓаните, невладините организации, медиумите, нив, во поглед на лесен пристап до програмите, стратегиите, буџетот, организацијата и трошоците во работењето. Сите информациите  поврзани со работата кои влијаат врз животот и работата на граѓаните и фирмите.

Транспарентноста значи одговорност, а одговорноста значи и повисок интегритет. Една од клучните политички критериуми кој што и НАТО ја поставува како обврска за своите земји членки.

Од овие причини, со желба да ја поттикнеме активната транспарентност и навременото информирање на јавноста, за прв пат во МО го донесовме Правилникот за транспарентност во работата со кој министерството се обврзува да биде максимално транспарентно кон јавноста.

Министерството за одбрана за прв пат јавно објавува серија документи – почнувајќи од документите поврзани со своето материјално финансиско работење, практичните информации за граѓаните до кои тие досега тешко можеа да дојдат и мораа да минуваат низ доста комплицирана бирократска процедура. Информациите за сите заинтересирани ќе бидат достапни без да се доставуваат барања по Законот за слободен пристап до информации, а дека ќе бидат постојано ажурирани гарантира Правилникот за транспарентност во работењето на МО кој што ги обврзува секторите веднаш штом се сличи промена во стратешките документи, во подзаконските општи акти или било кој од другите документи да бидат веднаш достапни на веб страната на министерството.

Затоа на веб страната на министерството е отворена опцијата „Јавноста има право да знае“ каде што се ставени голем број на информации кои за прв пат се достапни до јавноста и со кои го отвараме министерството кон граѓаните.

Тука се законите и општите подзаконските акти, стратешките документи, буџетот на министерството, но и анкетните листови на министерот и заменикот министер како и платите на целокупната раководната структура на министерството, Армијата и воената академија, кои шти работат во состав на Министерството за одбрана.

Во делот за закони и подзаконски акти, поставени се и ажурирани сите закони кои се однесуваат на одбраната, а за прв пат се поставени и достапни до јавноста над општи 70 подзаконски акти кои произлегуваат од работењето на министерството и кои што започнуваат со Правилникот за транспарентност во работењето на министерството.

Една од поголемите новини во транспарентноста на министерството е објавувањето на Планот за јавните набавки, но не и само тој документ. Овде секој заинтересиран може со директен линк да и отвори огласите за јавните набавки на министерството, а како што тече процедурата за јавни набавки така ќе бидат објавувани и известувањата за одлуки и потпишаните договори за јавни набавки, со директни линкови до овие документи. Тоа значи дека целосно го поедноставивме начинот на пристап до овие документи и наместо тешката истрага преку единствениот систем во Бирото за јавни набавки сега секој од овие документи ќе може да се добие преку конкретен јавно објавен линк. Транспарентноста на јавните набавки е една од клучните алатки за да се сузбива и за да се бориме против корупцијата.

Креиравме директен линк и до информациите за услуги кои министерството ги нуди за граѓаните. На едно место лесно може да се најдат сите правилници, ценовници, заедно со начинот како да се искористат тие услуги кои досега граѓаните ги знаеја или преку некој познат пријатели или преку долга бирократска процедура. Затоа Правилникот за надоместоци за користење на капацитетите на АРМ е еден од документите кој што ќе помогне на граѓаните кои ќе сакаат да ги искористат овие услуги. Услугите може да бидат или сместување во некој од капацитетите на АРМ, користење на спортските објекти, исто така и користење на специјалните објекти како што се на пример: Криволак, Пепелиште, некои други стрелишта, итн. Објавивме и ценовник за користење на сидриштето Билјанини извори, исто така честопати критикувано како прилично нетранспарентно, но и затворено место каде што услугата се добива преку и преку врска, а не по процедура. Воедно на оваа страна, на овој дел Услуги, може да се најдат информација за уверение за регулирана воена обврска, како и барањето за доброволно служење на воен рок, кој што досега можеа да го добијат во канцелариите на регионалните центри за одбрана.

На веб страницата согласно новиот Правилник, објавени се и посебни линкови кои ве водат до Законите, упатствата и лицата за контакт за искористување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, заштита на укажувачи, а исто така успеа профункционира и овој број, бесплатната линија за пријавување на корупција во МО и АРМ и кои што понатаму ќе обезбедиме услови никогаш повеќе да не биде во прекин, како што било во изминатиов период.

Во воспоставувањето на транспарентноста на министерството сакаме да упатиме благодарност до многу невладини организации, експерти, кои што во последниве години многу говореа, анализираа и даваа препораки, како Владата и како институциите да бидат поотворени и бидат поодговорни кон сите граѓани. Ги искористивме дел од нивните препораки и сакам да ја искористам оваа прилика да ги повикам да продолжат на ист начин да прават притисок, да даваат совети. Да кажам само дека во МО секогаш ќе имаме слух овие добри совети да ги прифатиме и како што гледате денеска да ги примениме и во пракса. Оваа соработка ни е потребна и добредојдена и самите ќе иницираме соработка за да буквално секој податок кој нема причина да биде класифициран, да биде лесно и јавно достапен.

Сосема е јасно дека во рамките на НАТО каде што велиме стратешки целиме да станеме членка, општо е прифатен ставот дека корупцијата го поткопува доброто владеење. Корупцијата претставува безбедносен ризик за стабилноста на целата Евроатлантска област и затоа принципите на транспарентност, одговорност, достапност на интегритет се сметаат за едни од клучните аргументи во полза на нашето членство во НАТО алијансата. Тоа е само дополнителна причина да покажеме дека Македонија не само говори за членство во НАТО, туку секојдневно со промените со реформите, со конкретните чекори се приближува кон НАТО алијансата.

Ви благодарам за вниманието.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail