Професионалните војници добија поддршка за вработување и самовработување

На двесте и седмата седница на Владата на Република Мaкедонија одржана на 01.02.2011 година усвоен е Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување за 2011 година. Согласно потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, професионалните војници постанаа посебна целна група од Оперативниот план.
Професионалните војници на кои им престанува службата во АРМ со навршени 38 години возраст ќе можат да ги користат бенефициите предвидени со Оперативниот план, а особено се значајни Програмата за самовработување, Програмата за формализирање на постојни бизниси, Програмата за субвенционирање за вработување и Програмата за подготовка за вработување.

Програмата за самовработување на заинтересираните поранешни професионални војници им овозможува обука за основање на претприемништво, изготвување на солидни и одржливи бизнис планови, помош при регистрација на сопствен бизнис и субвенција за започнување на бизнисот. За реализација на секое самовработување се предвидува поддршка со неповратни средства (грант) во висина на 201,897.00 денари, во вид на директна поддршка за набавка на опрема и репроматеријали, додека останатите 16,897.00 денари се наменети за основна обука за водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрација на бизнисите.

Програма за поддршка за формализирање на постојни бизниси на професиопналните војници кои претходно имале определен бизнис кој не бил регистриран им обезбедува помош при регистрација на постојниот (неформален) бизнис и субвенција за бизнисот. За секое формализирање се предвидува поддршка со неповратни средства (грант) во висина од 188,000.00 денари, од кои 185,000.00 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и репроматеријали и 3,000.00 денари за регистрација на биизнисот.

Програмата за субвенционирање на вработување подразбира финансиска поддршка на работодавачи (фирми), за вработување на поранешни професионални војници. Поддршката за секое вработено лице се ефектуира преку бруто плата од 15.000,00 денари месечно, за период од 6 мессеци, со обврска на работодавачот овие лица да ги задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци).

Програмата за подготовка за вработување предвидува обука, преквалификација или доквалификација, со цел зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот. Оваа програма се реализира преку повеќе мерки: Обука, преквалификација или доквалификација за познат работодавач, Обука во работните клубови за стекнување на знаења и вештини (странски јазик и комјутери), Обука за одделни занимања кои се дефицитарни на пазарот на трудот, Обука за стекнување напредни дефицитарни вештини од областа на информатиката и Едукација за започнување на бизнис.

Со вклучувањето во овие програми и мерки, професионалните војници добиваат институционална поддршка за вработување во цивилните структури, преку надлежните државни институции.

Со овие програми и мерки Министерството за одбрана уште еднаш ја покажа својата определба за давање на помош на професионалните војници, а со поддршката за справувањето со промените и стручното оспособување за цивилни професии кое се реализира преку Програмата „ЛЕПЕЗА“ професионалните војници ја добиваат целосната поддршка за продолжување со работа во цивилните структури.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail