Јолевски во Битола: Односите меѓу Македонија и Турција треба да бидат пример за соработка во регионот

Република Турција ѝ дава силна поддршка на Република Македонија од прогласувањето на незавиноста. Турција нèподдржува и на нашиот пат на трансформација во контрибутор кон глобалниот мир и безбедност и прерасунување во рамноправен партнер на НАТО. Тоа го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски во Битола на денешната свеченост по повод годишнината од завршувањето на средното воено образование на Мустафа Ќемал Ататурк, каде воедно беше промовирана и публикацијата „Турско-македонските односи низ историјата“.

Министерот Јолевски посочи дека заедничката историја дава бројни светли примери за соработка и пријателство, кои се и основа врз која се гради стратегиското партнерство помеѓу двете земји. „Република Турција е земја која прва упати воено аташе во Република Македонија, прва потпиша Спогодба за соработка, прва прими офицери од Република Македонија на школување и прва помогна за опремување на Армијата на Република Македонија. Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ“, потсети министерот Јолевски. Денес соработката со Турција е најинтензивна во областа на воената обука и едукација, се разгледуваат можностите за соработка во наменската индустрија, а двете земји имаат заеднички активности и во меѓународната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Публикацијата која беше промовирана денеска претставува заеднички проект на двете министерства за одбрана започнат во 2010 година. На повеќе од 600 страници, во два тома и три јазика – Македонски, Турски и Англиски, публикацијата содржи научни трудови на 14 професори од двете земји. Публикацијата опфаќа трудови за Турците во Македонија, развојот на македонскиот идентитет, соработката помеѓу христијаните и муслиманите, османлиските реформски планови во Македонија, културното наследство во Македонија од османлискиот период и многу други. Делото опфаќа и трудови кои се фокусираат на соработката во доменот на одбраната од 1991 година.

На свеченоста присуствуваше заменик амбасадорот на Република Турција во Македонија, Зејнеп Ѓундуз, турскиот бригаден генерал Сулејман Ертизман, заменикот на Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај и други високи гости.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail