Првите два ремонтирани хеликоптери се вратија во служба на АРМ

Денес во Касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод враќањето и ставањето во функција на првите два хеликоптери од составот на Воздухопловната бригада на Армијата на Република Македонија кои минатата година беа испратени на ремонт.

На свеченоста пред присутните единици од составот на Воздухопловната бригада се обрати министерот за одбрана Зоран Јолевски кој во оваа прилика истакна: „Ми претставува особено задоволство денес заедно со вас да ги видиме првите резултати од најавената модернизација на Армијата на Република Македонија во однос на Воздухопловната бригада. Овие хеликоптери се првите од предвидените десет кои ќе се ремонтираат во периодот од две години за кои Владата на Република Македонија одвои доволно финансиски средства. На почетокот на оваа есен и до крајот на годинава ќе имаме уште четири ремонтирани хеликоптери. Со овие преземени чекори на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, борбената готовност на Воздухопловната бригада ќе се зголеми, а со тоа ќе се овозможи АРМ уште подобро и посигурно да ја извршува својата функција, да биде гарант за територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија“ – рече Јолевски.

Тој додаде дека заедно со ремонтот на хеликоптерите, истовремено на обука беа пратени и стручни лица кои се здобија со сертификати и кои во иднина ќе ги одржуваат овие воздухоплови.

На денешната церемонија свое обраќање имаше и командантот на Воздухопловната бригада, полковник Роберт Малезански кој најнапред истакна дека овие зафати кои се случуваат во воздухопловната бригада ќе придонесат во извршувањето на мисијата и задачите на бригадата. Тој додаде дека овој започнат процес на ремонтирање на воздухопловите ја зголемува кредибилноста на АРМ како фактор на одвраќање закани по безбедноста на Република Македонија.

Процесот на ремонтирање на хеликоптерите на АРМ е дел од процесот на модернизација на АРМ која започна со формирањето на интегрираните проектни тимови во ноември 2014 година. Овој процес на модернизација е од исклучителна важност, како за одржување на безбедноста, сигурноста и стабилноста на Република Македонија, така и до подигнување на капацитетите и ресурсите и подобрување на стандардот на припадниците на АРМ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail