Реакција на МО на емисијата Блиц на Љупче Златев, емитувана на Алфа ТВ на 7.мај 2018 во 22.45

Министерството за одбрана обрнува внимание на невистините кои синоќа беа емитувани во емисијата Блиц на Алфа ТВ. Емисијата е направена без да се испочитуваат основните новинарски правила, а тоа е барање став од втората страна и проверка на информациите, и изобилува со лажни вести и шпекулации, без и најмал напор да се проверат пред да се пуштат во етерот, што предизвикува штета на државата и е спротивно на основниот постулат на новинарската професија – објективноста. Пред емитувањето на емисијата нејзиниот автор воопшто не се обрати до Министерството за елементарна проверка на неговите шпекулации.

1. Полковникот Горан Василевски не е во никаква роднинска врска ниту се познава со началникот во српската армија кој го посочувате со кого единствено има исто презиме. Вашите инсинуации можат да наштетат на воспоставената сорабока меѓу двете армии. Василевски има починат брат и оваа неточна информација го вознемири неговото семејство и неговиот татко кој е во поодминати години.

2. Брачниот пар Здравевски лажно ги претставивте како луѓе во кумовски релации со Василевски. Тоа не е точно.

3. Апсурдно и тенденциозно е инсистирањето на авторот на емисијата дека Василевски сам си извршил безбедносна проверка. За ова прашање министерството и претходно се изјаснило но тоа не е земено предвид во емисијата.

4. Василевски е автор на труд “Women involvement in creating and conducting defence and security policy in the world and the Republic of Macedonia“ презентиран на конференција, што доколку го знаевте ќе можевте да го имате предвид пред да го обвините за сексизам.

5. Постапката за полковникот кој го споменувате не е стопирана туку завршена, и комиисијата утврди дека тој бил вратен од Авганистан без формално правна одлука и без образложение. И оваа информација беше достапна до медиумите, како што ќе беше достапна и до вас да ја побаравте.

6. Владата на Р.М. јавно ги објави трошоците на министрите, замениците и државните секретари, и таа информација е јавно достапна за истражувачките новинари. Да ги погледневте тие податоци, ќе забележевте дека за престојот на државниот секретар во Вашингтон не е потрошен ниту еден денар – трошокот е на сметка на организаторот на патувањето на кое е поканет државниот секретар. Оттука вашето тврдење дека се потрошени пари на граѓаните е лага, како и снимките кои се од друг многу полуксузен хотел во кој Николиќ не престојувал.

Ова е само илустрација на флагрантните лаги објавени во емисијата Блиц. Нема да дозволиме ваквиот начин на неодговорно лажно информирање да нанесе штета на реформските процеси во министерството и Армијата кои имаат за цел да ги поправат занемаруваните состојби во изминатите 10 години, и да ја нарушат новата позиција на Македонија како кредибилен партнер на меѓународната сцена, по 10 години повторно со поддршка од стратешките партнери за заслужено членство во НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail