Шекеринска и Ѓурчиновски на средби со командантот на НАТО – командата во Неапол, адмиралот Фого: Убедени сме дека во 2019 Македонија ќе биде на масата со останатите сојузници во НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – мајор Васко Ѓурчиновски денеска имаа средби со командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, кој е во посета на Република Македонија.

Шекеринска ја потенцираше долгогодишната соработка помеѓу МО и АРМ и Здружената команда на сојузничките сили во Неапол која придонесе Македонија да биде подготвена да стане 30-та земја членка на НАТО.

„Убедени сме дека на почетокот на 2019 година, Македонија ќе биде на масата заедно со сите сојузници, земји-членки во сојузот, а веднаш потоа со успешно ратификуван процес ќе бидеме и 30. членка на НАТО алијансата“, рече Шекеринска и изрази благодарност за посветеноста на Здружената команда во Неапол и НАТО – Канцеларијата за врски во Скопје во поддршка на реформите и развојот на Армијата.

„Како на одговорна команда за силите на НАТО за Косово, КФОР, можам да порачам дека Македонија со истата посветеност како и досега ќе продолжи да ја дава сета поддршка. Како и на нашиот состанок, и тука ќе ја потврдам нашата подготвеност да започнеме и со оперативна поддршка на силите на КФОР со штабни офицери од АРМ. Тоа го гледаме како шанса за придонес кон НАТО и како шанса да ја збогатиме нашата регионална соработка“, рече министерката Шекеринска по средбата. Додаде дека Македонија го продолжува и го засилува, своето присуство и учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, бидејќи цврсто веруваме во вредностите на Алијансата, а тоа е дека мирот, стабилноста и безбедноста во светот, влијаат позитивно на секоја земја, на Македонија, на Европа.

Командантот на Здружената команда во Неапол истакна дека НАТО го цени исклучителниот напредок кој државата го направи во изминатиот период и рече дека е дојдено времето Македонија да стане земја – членка на Алијансата. Адмиралот Фого додаде дека членките на НАТО се посветени на колективната одбрана и безбедност која ќе ја унапреди стабилноста на Македонија. Истакна дека НАТО – Канцеларијата за врски, исто како и Командата во Неапол ќе продолжат да ја поддржуваат земјата и армијата во реформските зафати во одбранбениот сектор.

Репутацијата на вашите сили навистина е на завидно ниво и секогаш е добро да бидете од нашите операции и мисии, рече адмиралот за припадниците на Армијата на Република Македонија. Се заблагодари за професионалниот придонес на силите на АРМ во Авганистан и изрази задоволство што Македонија размислува да го зголеми придонесот во оваа земја.

Министерката Шекеринска, осврнувајќи се на резултатите во демократските и одбранбените реформи истакна дека Македонија и граѓаните иако беа ставени пред сериозни предизвици, покажаа дека сакаат да живеат во демократска, слободна, стабилна и просперитетна земја.

„Македонија беше наречена единствениот зрак надеж во Европа во текот на оваа година, бидејќи со храброст и со одлучност решивме да се справуваме со проблемите…Со мудри и храбри одлуки продолжуваме на патот кон НАТО, кој сега повеќе од било кога е близу до својата завршница“, рече Шекеринска. Додаде дека оваа година поканата на НАТО самитот, започнатите и успешно завршените пристапни разговори покажаа дека Македонија знае, може и дека е решена да ги исполни своите стратешки цели.

Шекеринска рече дека Македонија покажа мудрост и во одбранбените реформи – го зголемивме одбранбениот буџет во 2018 година, а тоа го правиме и во 2019 година, успешно го завршивме Стратешкиот одбранбен преглед и веќе почнавме со негова имплементација.

За време на средбата на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски со адмиралот Џејмс Фого беше потврденa досегашната соработка со Командата на здружени сили на НАТО во Неапол, при што се разговараше за учеството и професионалноста на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка во Авганистан, како за користење на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail