Посета на министерката Шекеринска на НАТО штабот во Брисел и средби со високи официјални претставници

Министерката Шекеринска во Брисел оствари посета на НАТО штабот во Брисел при која реализираше издвоени средби со помошник генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалез и помошник генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Хајнрих Браус.

Во разговорите со официјалните претставници на НАТО, соговорниците разменија мислења за актуелните процеси во Република Македонија – имплементација на Планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија и фокусот на реформи во судството, во разузнавачките и безбедносните служби, слободата на медиумите и транспарентноста, како и за реформските процесите во одбраната. Двајцата соговорници упатија силна поддршка за реформски ориентираната Влада на Република Македонија и нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во Евро-атлантските интегративни процеси.

Средбите се реализираа на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО и земјите учесници во мисијата „Одлучна поддршка“, кој се одржа вчера. На овој состанок, министерката Шекеринска ги истакна стратешките цели на Република Македонија за членство во НАТО и најави засилено темпо и реформи кон исполнување на критериумите и стандардите на НАТО, како и зголемен придонес на Република Македонија во операциите на НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail