Шекеринска на затворањето на Синдикалните спортски игри во Охрид: „Да работиме заедно, тимски, за подобри услови во МО и АРМ“

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска вечерва во Охрид ги затвори 15. по ред Спортски синдикални игри за вработените во Министерството и Армијата на Република Македонија.

„Ве повикувам сите да се вклучите во поддршка на реформите за членство во НАТО, но и во реформите за подобри услови за одбраната и Армијата. Ја барам вашата поддршка, бидејќи ако еден тим има иста цел, ќе се најде решениja за проблемите. Министерството и АРМ мора да  функционираат како тим, не само во време на кризи, туку и во секојдневното функционирање“, рече министерката Шекеринска.

Таа додаде дека пред неколку месеци Министерството и Армијата можеле да се соочат со проблем во исплатата на платите, но и дека новата Влада и раководство во Министерството тоа не го дозволиле.

„За 2018 клучна цел е да обезбедиме достоинствени услови за работа и подобра опременост на Армијата. Нашата цел е да ги подобриме условите на вработените во МО и АРМ, нивните права, инфраструктурата, бидејќи вие работите, живеете и функционирате во застарена инфраструктура“, истакна министерката и додаде дека Владата на Република Македонија донела одлука за зголемување на буџетот на одбраната кој е клучен за членство во НАТО, но и за подобри услови за Армијата.

Министерката рече дека веќе е потпишан договор за 3.000 панталони и изрази надеж дека ќе ја добие синдикалната поддршка, следната година да се обезбедат нови униформи за целиот состав на Армијата. „Мојата заложба е претставниците на синдикатот да бидат присутни во процесот на набавки и да се борат за подобри услови за МО и за АРМ“, рече министерката.

Шекеринска порача дека претставниците на НАТО имаат само пофални зборови за учеството на припадниците на АРМ во мировни мисии. Во тој контекст таа најави измени во процесот на избор на припадници на АРМ за учество во мировни мисии, со цел негова поголема чесност и транспарентност.

На Синдикалните спортски игри учествуваа 200 натпреварувачи – членови на Синдикатот за одбрана и безбедност од МО и АРМ, од Центарот за управување со кризи и од Дирекцијата за заштита и спасување. Учесниците се натпреваруваа во повеќе спортови меѓу кои и кошарка, одбојка, мал фудбал, шах. На Синдикалните спортски игри годинава учествуваше и делегација од Воениот синдикат на Србија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail