Шекеринска: НАТО гарантира безбедност, економски напредок и побрз пат кон ЕУ, затоа на 30 септември Македонија ќе избере да стане 30. Членка на НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на панел дискусијата на тема „МК во НАТО: Спроведување на НАТО принципите во Македонија“, во организација на Министерството за одбрана и фондацијата „Фридрих Еберт“.

„Членството во НАТО за Македонија е важно од три крупни причини – безбедноста, економијата и нејзиниот развој и фактот дека членството во НАТО е првиот и важен чекор за забрзување на интеграцијата во Европската Унија“, рече министерката Шекеринска на панел – дискусијата. Таа додаде дека безбедноста е како здравјето – никогаш не е на врвот на приоритетите кога ја имаме, но многу брзо знае да биде најважна кога е загрозена.

Министерката истакна дека на членството во НАТО се гледа како на уште една потврда дека граѓаните на Македонија, нашите соседи, пријатели, бизнисмени и странските бизнисмени не треба да се грижат за стабилноста и безбедноста на државата.

„Членството во НАТО има свое влијание и на статусот, положбата и квалитетот на вооружените сили. Имавме дискусии околу различните иницијативи за да го подобриме статусот на припадниците на АРМ и тоа беше фокусот на Владата оваа година. Со зголемувањето на буџетот за одбрана, ги зголемивме платите на припадниците на АРМ, ги исплативме сите обврски согласно Колективните договори со синдикатите“, истакна министерката.

Во однос на економскиот бенефит, министерката истакна дека примерите од земјите од регионот покажуваат дека од членството во Алијансата сериозно влијае на растот на економијата, намалување на невработеноста, особено за младите, а на среден рок и на зголемувањето на платите. Министерката го спомена примерот со Црна Гора каде во првите шест месеци од оваа година, износот на странски инвестиции е 2,5 пати поголем од минатата година, во истиот период. Додаде дека овие ефекти, се видливи и во искуствата на други земји по нивната интеграција во НАТО, како Бугарија, Хрватска и Словенија.

Третата придобивка, посочи Шекеринска, е дека членството во НАТО е првиот, важен чекор за реално да се влезе во процесот на зачленување во Унијата. Тоа политички ќе ги забрза процесите, рече Шекеринска, и додаде дека иако не станува збор за обврска, за држава од профилот, искуството, историјата како оние на Македонија, единствен пат за брзо да стане членка на Унијата е час поскоро да стане членка на НАТО.

Шекеринска рече дека на 30 септември, секој од нас, како граѓанин, ќе има шанси да и помогне на државата за остварување на овие стратешки цели.

Дел од панел – дискусијата беше и Рајнхолд Робе, поранешен правобранител на германската армија кој посочи дека е оптимист и дека членството на Македонија во НАТО е многу важен чекор за стабилноста во целиот регион.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail