Шекеринска стана член на Европскиот совет за надворешни работи

Заменичката претседател на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска доби покана да се приклучи кон Европскиот совет за надворешни работи – една од највлијателните пан-европски тинк-тенк организации со мисија за поттикнување на кохерентна и ефикасна надворешна политика базирана на европски вредности. Поканата ја упати тричлената група ко-претседавачи со бордот на Советот, предводена од Карл Билт, поранешен шведски премиер и еден од политичарите што одигра голема улога во смирување на балканските конфликти по распадот на СФРЈ од позиција на специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија и специјален пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот.

Прифаќајќи ја поканата Шекеринска упати писмо до ко-претседавачите во кое се заблагодарува на укажаната чест и ја потенцира важната улога на Европскиот совет за надворешни работи како корисна платформа за непосредна комуникација на лидерите со цел размена на идеи за предизвиците во европската политика.

„Основната цел и мисија на мојата кариера отсекогаш била да ги доближам европските идеали до Македонија, но и да ја доближам Македонија до Европа. Верувам дека Вашиот еминентен Совет претставува исклучителна прилика за мене да продолжам да дејствувам во истата насока. Со задоволство ја прифаќам привилегијата да станам членка на советот на Европскиот советот за надворешни работи“, наведува министерката во писмото.

Европскиот совет за надворешни работи има широка мрежа која обединува околу 300 европски најистакнати политички и бизнис лидери и претставници на граѓански сектор, меѓу кои сегашни и поранешни ЕУ комесари, премиери и министри (http://www.ecfr.eu/council). Шекеринска е првиот политичар од Република Македонија поканет да се приклучи на Европскиот совет за надворешни работи.

ECFR Council Invitation, Radmila Šekerinska Jankovska, March 2018

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail