Шекеринска – Скапароти: Македонија сигурен партнер и иден сојузник на НАТО

Командантот на Врховната команда на НАТО и Командант на американските сили во Европа, генералот Куртис Скапароти денес престојуваше во официјална посета на Република Македонија. Во рамки на посетата генералот Скапароти се сретна со делегација од Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ, предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Во разговорите двете страни искажаа задоволство од меѓусебната соработка и го истакнаа уверувањето дека по поканата за членство и по успешното завршување на пристапните разговори, Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО. Членството на Македонија во НАТО ќе ја зајакне безбедноста во регионот, ќе го забрза натамошниот развој на земјата и ќе и донесе нов партнер на Алијансата во борбата за зачувувањето на глобалниот мир и развој, беше заклучено во разговорите.

Шекеринска го информираше генералот Скапароти за преземените реформи и за напорите да се забрзаат евроатлантските интеграции на Македонија. Во тој контекст министерката истакна дека по добивањето на поканата од НАТО и по постигнатиот Договор со Грција, наш прв приоритет останува целосната имплементација и финиширање на процедурата за полноправно членство. „Мнозинството граѓани се свесни за историската можност и дека истата не треба да се пропушти“, рече министерката Шекеринска.

Министерката за одбрана и високиот гостин разговараа и за плановите за реформи во одбраната и нејзината модернизација согласно насоките од скоро донесениот Стратегиски одбранбен преглед, како и за продлабочување на техничката соработка со цел да се унапредат капацитетите на АРМ во функција на идното полноправно членство и натамошно учество во мировните мисии.

Шекеринска нагласи дека Република Македонија направи голем напредок во развојот на вооружените сили притоа давајќи поддршка на НАТО во напорите за воспоставување на мир и демократија  во светот. „Како идна членка на НАТО од почетокот на оваа година го зголемивме македонскиот контингент во мисијата ’Одлучна поддршка’ за дваесет проценти, до крајот на годината испраќаме поддршка за изборите во Авганистан, но и дополнително зголемување на нашите трупи. Исклучително сум задоволна што на дел од македонскиот контингент му е доверена исклучително одговорна задача – заштита на командата на мисијата во Кабул“, рече министерката.

Генералот Скапароти истакна дека ги цени напорите на министерката и на Владата на полето на одбранбената соработка, како и учеството во меѓународните мисии, и подвлече дека НАТО и Соединетите Американски држави и натаму остануваат силен поддржувач на нашата земја. „Подготвени сме да ви помогнеме да станете 30-та земја членка на НАТО“, рече Скапароти.

Дел од програмата беше и посета на касарната „Илинден“ каде пред високиот гостин беа изведени показни вежби од страна на припадниците на Полкот за специјални операции. По средбата и по демонстрацијата на армиските капацитети министерката за одбрана Шекеринска во изјава за медиумите подвлече дека денешната посета и соработката покажуваат колку работите во Македонија се менуваат по 11 јули, кога Македонија ја доби поканата за почеток на пристапните разговори во НАТО.

„Само две недели по добивање на НАТО поканата, на 26 јули тим на Алијансата ја посети Македонија, со цел да се утврдат насоките за пристапните разговори за членство. Пет дена подоцна, на 1 август северноатлантскиот совет во Брисел и формално го усвои планот за спроведување на пристапните разговори со Македонија“, рече министерката Шекеринска.

Генералот Скапароти кажа пофални зборови за прикажаните воени вештини, за кои, рече, видливо ги користат НАТО стандардите и НАТО процедурите и додаде дека сето она што Македонија го прави во Авганистан високо е вреднувано од страна на Алијансата. Генералот посочи дека преку долгогодишното партнерство со НАТО, постигнат е значаен напредок во воените реформи и воената интероперабилност со сојузниците и понуди практична поддршка на воените авторитети во процесот на пристапување.

„НАТО ја споделува вашата посветеност на демократијата, владеење на правото како и безбедноста и стабилноста во регионот. Вашата постојана поддршка е важна не само за целиот Западен Балкан, туку и за цела Европа“, рече Скапароти во изјавата.

Изјави:

Видео инсерти:

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail