Шекеринска – Шварц: Интензивирање на соработката помеѓу специјалните сили на АРМ и на вооружените сили на САД

Република Македонија и Соединетите Американски Држави имаат сеопфатна и континуирана соработка во областа на одбраната, а нашата заедничка заложба е таа соработка да биде уште поинтензивна, особено во делот на специјалните сили на двете армии, заклучија на денешната средба министерката за одбрана Радмила Шекеринска и командантот на Командата за специјални операции на САД во Европа, генерал-мајор Марк Шварц.

Министерката Шекеринска посочи дека во Македонија по подобрувањето на политичката состојба, фокусот е ставен на стратешките цели: членство во НАТО и ЕУ. Шекеринска додаде дека Македонија останува посветена на учеството во меѓународните мировни мисии и на заедничките вежбовни активности со партнерите од НАТО, со што се зголемуваат и способностите и капацитетите на Армијата на Република Македонија.

„Нашата посветеност во учеството во мисиите на НАТО не е само декларативна, а тоа се гледа и преку зголемувањето на контингентот од АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ за 20 проценти“, рече министерката на средбата.

Генералот Шварц ја истакна одличната соработка со АРМ на полето на специјалните сили и посочи дека САД и во иднина ќе ја поддржуваат АРМ во развојот на нејзините капацитети преку различни и релевантни обуки и тренинзи. Генералот додаде дека САД високо го вреднуваат учеството на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и ја поздрави одлуката за зголемување на припадниците на АРМ во оваа мисија во 2018 година.

Во контекст на идните заеднички обуки и вежби, министерката Шекеринска изрази подготвеност армискиот полигон „Криволак“ и во иднина да се користи за изведување на заеднички вежби.

Во рамки на посетата, генералот Шварц се сретна и со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски на која се разговараше за долгогодишната соработка во обуката, заедничкото учество во меѓународни вежби и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за заеднички активности.

Во рамки на посетата на Република Македонија, генералот Шварц ја посети и Командата на Полкот за специјални операции на АРМ.

Полкот за специјални операции во АРМ и Командата за специјални операции на САД во Европа соработуваат од 1996 година кога беше реализирана и првата од програмите за заеднички обуки. Во 2016 и 2017 година припадниците на Полкот беа дел од поголем број вежби организирани под покровителство на САД, меѓу кои и „Saber Junction 16“, „Anaconda 16“, „Combined Resolve 7“,„Combined Resolve 8“, „Allied Spirit 6“, „Saber Guardian 17“.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail