Шекеринска – Трента: Имаме заедничка иднина во евроатлантската заедница, напредокот на Македонија е видлив

„Италија е убедена дека нашата заедничка иднина е во евроатлантската заедница, а тоа значи припаѓање кон заедничките вредности, принципи на демократија, владеење на правото, солидарност кон заедничките предизвици кои се пред нас. Напредокот на Македонија е голем, тоа е напредок кон ЕУ и НАТО, и во областа на внатрешните реформи и добрососедските односи“, рече министерката за одбрана на Италија, Елизабета Трента која престојува во официјална посета на Република Македонија. Посетата на Македонија, рече дека е сигнал дека земјата е во еден многу посебен, сензитивен момент. Трента порача дека клучниот референдум, ќе одлучи за најбитното нешто, т.е. иднината во евроатлантската заедница, кон која македонскиот народ има позитивен став.

По средбата во Министерството за одбрана, министерката Шекеринска се заблагодари за континуираната, искрена и многу јасна италијанската поддршка, особено во важни моменти кои ја обликуваат иднината на Македонија, но и на Балканот.

„Македонија на Самитот на НАТО почувствува што значи најмоќните земји на светот и со дело и со збор да покажат дека навистина ги ценат сите наши напори, сета посветеност оваа земја не само да ја ослободиме од изолација, од страв, од бесперспективност, туку и да поставиме нови стандарди за тоа што значи добрососедство, соработка, владеење на право, реформи, заеднички успех и напредок на целиот регион. Сега сме поблизу до Алијансата од кога било порано, сега успеавме во напорите кои во 2008 година не вродија со плод“, рече Шекеринска.

Министерката потенцираше дека зборовите на поддршка од Италија за сето она што сите граѓани на Македонија, здружено и сплотено успеаја да го направат за еден релативно кус период, значат многу и дека она што беше направено за враќање на земјата на патот кон НАТО и ЕУ, сите внатрешни реформи, треба да се потврди на референдумот на 30 септември.

„Ја вративме демократијата, правната држава, ги ослободивме медиумите, отворивме и обезбедивме дебата во јавноста, а патот кон просперитетна држава треба да го потврдиме и запечатиме на 30 септември. Убедена сум дека граѓаните на Македонија на овој клучен датум за иднината на земјата ќе одлучат да бидеме безбедна, сигурна и просперитетна држава интегрирана во двата најмоќни сојузи на денешницата“, потенцираше министерката Шекеринска.

Министерката Трента додаде дека Армијата на Република Македонија може да се потпре на италијанските вооружени сили, како на партнер кој е секогаш расположен за поддршка во процесот на трансформација и модернизација, согласно Стратешкиот одбранбен преглед.

Двете министерки се согласија дека Македонија и Италија имаат одлична билатерална одбранбена соработка која се гледа и преку фактот дека Македонија ќе испрати двајца штабни офицери во рамките на италијанскиот контингент во мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ. Со тоа се потврдува дека сојузниците ја гледаат Армијата на Република Македонија како Армија која е целосно интероперабилна со останатите земји-членки на НАТО.

Во рамките на посетата на Македонија, министерката Трента заедно со министерката Шекеринска ја посетија црквата „Св. Спас“, како и старата скопска чаршија.


facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail