Шекеринска во Вермонт на средби со гувернерот Фил Скот и командантот на Националната гарда, генерал-мајор Стивен Креј

Во рамките на официјалната посета на САД, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја посети Сојузната држава Вермонт каде се сретна со гувернерот Фил Скот и со командантот на Националната гарда, генерал мајор Стивен Креј.

Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија имаат одлична речиси 25 годишна соработка во текот на која повеќе од 7.000 припадници на Министерството и Армијата се запознаа со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната гарда, вооружените сили на САД и НАТО-алијансата.

На средбата со гуверенерот Скот, министерката Шекеринска се заблагодари за поддршката во развојот на соработката на АРМ и националната гарда на Вермонт, која помогна во реформите на АРМ на патот кон достигнување на стандардите на НАТО.

Шекеринска посочи дека местото на Македонија е во НАТО и дека и Владата и граѓаните се цврсто посветени да ја достигнат таа цел.

„Имплементацијата на реформите во одбранбениот сектор ги развива капацитетите и способностите на АРМ во согласност со стандардите на НАТО, за што добиваме голема поддршка од американската влада, државата Вермонт и Националната гарда на Вермонт“, рече министерката.

Министерката Шекеринска и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј се согласија дека партнерството на АРМ со Националната гарда е еден од најуспешните примери за соработка.

„Повеќе од две децении Македонија и САД имаат соработка во одбраната базирана на динамичко партнерство, која е од полза за мирот, слободата и безбедноста во пошироки рамки“, рече Шекеринска.

Шекеринска и Креј како еден од најпозитивните примери за интероперабилноста на АРМ и Националната гарда ги споменаа наменските сили Феникс, во чии рамки во 2010 година во Авганистан, интегрирани тимови од Националната гарда и од АРМ рамо до рамо извршуваа најсложени задачи.

Министерката Шекеринска изрази очекување Националната гарда на Вермонт, која учествувала на многу заеднички вежби на „Криволак“, да учествува и на големата вежба „Сајбер Гардијан 19“, од која дел, следната година, ќе се одржи и на полигонот „Криволак“.

Шекеринска во Вермонт се сретна и со Ерика Борнеман, директорката на Дивизијата за кризен менаџмент и безбедност – област во која Вермонт и Македонија развиваат функционална соработка.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail