Шекеринска на македонско-канадскиот курс „Процес на планирање на вежби“: Целта на Македонија е во јули да добиеме покана од НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на завршната сесија на курсот „Процес на планирање на вежби“, што се реализираше во соработка на Министерството за одбрана и АРМ, и Канадските вооружени сили чиј домаќин е Македонија. Заедно со Шекеринска курсот го посети и канадската амбасадорка Кети Чаба.

При посетата министерката Шекеринска беше брифирана за содржината и целите на курсот, техниките на обука како и за меѓусебната соработка и разбирање на учесниците кои доаѓаат од повеќе земји од регионот и пошироко.

Обраќајќи се пред учесниците и инструкторите на курсот, Шекеринска изрази задоволство и благодарност до Канада за заедничката организација и реализација на курсот, и ја нагласи важноста на овој вид соработка меѓу двете земји како и земјите партиципанти во обуката. „Би сакала да ги поттикнам сите присутни учесници овде да разменуваат идеи, мислења и искуства, со што ќе придонесат кон збогатување и зајакнување на одбранбената соработка“, рече министерката.

Во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел, Шекеринска посочи дека целта на Македонија е да добие покана за членство и дека кон таа цел се насочени сите напори на нашата држава.

Кандаската амбасадорка Кети Чаба се заблагодари на Македонија што беше домаќин на курсот и ја истакна посветеноста на Канада за поддршка на стабилноста и развојот на регионот, како и заедничкиот интерес на двете држави во остварувањето на регионалната соработка.

На курсот кој трае од 4 до 15 јуни зедоа учество припадници на одбранбените сектори од Македонија, Украина, Грузија и Босна и Херцеговина, а инструкторите беа освен од земјите учеснички, и од ко-организаторот Канада.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail