Со свеченост одбележано завршувањето на „Летниот кампус 2017“

Со свечена церемонија во центарот за обука „Пепелиште“, денеска беше затворен осмиот меѓународен високо-образовен обранбено безбедносен проект „Летен кампус 2017“.

На затворањето, заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, посочи дека Летниот кампус претставува пример за презентација на меѓународната соработка и партнерството на земјите од регионот и пошироко во областа на военото образование и одбраната. „Сите земји учеснички се наши долгогодишни партнери кои што се посветени на градење квалитетни кадри и подготвени се за инвестирање во идните генерации на офицери“, рече заменик-министерот Максути и додаде дека со овој проект Република Македонија уште еднаш покажа дека е силно посветена на процесот на изградба на капацитети кои се неопходни за новите безбедносни предизвици.

Заменик-министерот истакна дека оваа година Летниот кампус имаше интересни теми и богата програма, особено што фокусот беше ставен на миграциските кризи и меѓународниот воен одговор, а кампусот беше посветен на 100-годишнината од Дојранската битка во Првата светска војна. „Оваа година Летниот кампус се разликуваше од претходните, по тоа што фокусот беше ставен на академската елаборација на различни теми, но со иста цел – воспоставување на моќна мрежа на идните офицери и нивна подготовка за идна интероперабилност и соработка“, рече замник-министерот.

„Да учите интензивно и да работите чесно и посветено. Високото образование на секој млад претставува незаборавен период посветен на стекнување на најсовремени знаења и вештини и стекнување на нови долготрајни пријателства. Вашите високи воени знаења и вештини, вашите лидерски способности, креативност, храброст, етика и интегритет им се потребни на националните вооружени и безбедносни сили, но и на меѓународната заедница. Вашето школување во исти клупи, на исти полигони за обука, заедничките меѓусебни пријателства се влог за висока меѓусебна доверба и соработка во Регионот и пошироко во НАТО и ЕУ“ им порача заменик-министерот на питомците-учесници на Кампусот.

„Летниот кампус 2017“ се реализираше од 27 јуни, а дел од него беа 116 питомци од 12 земји како и студенти од Универзитетите во Република Македонија. Најголем дел од земјите учеснички се водечки земји членки на НАТО меѓу кои Соединетите Американски Држави, Германија, Норвешка, Полска, Чешка, Романија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, како и земјите од регионот Босна и Херцеговина, Косово и Република Македонија како домаќин.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail