Средба на министерката Шекеринска со романското аташе во Македонија, командантот Стримбеши

DSC_2991_resizeДенеска во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска оствари средба со романското одбранбено аташе, командантот Валентин Стримбеши и заменик-шефот на мисијата и Конзул на Романија, Емилијан-Мариус Чилом.

Министерката Шекеринска на средбата рече дека Македонија засилено работи за остварување на стратешките цели, членство во НАТО и ЕУ и се заблагодари за романската поддршка за евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија. Таа потенцираше дека Романија може да и помогне на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, имајќи предвид дека и таа се соочувала со слични предизвици како и Македонија. Романските претставници посочија дека Романија има огромно разбирање за состојбата на Балканот и дека силно ја поддржуваат Македонија на патот кон НАТО и ЕУ.

Министерката се заблагодари за можноста да присуствува на отворениот ден на вежбата „Saber Guardian 17“ и да се сретне со романскиот министер за одбрана со кого имаше отворена дискусија околу актуелните безбедносни предизвици и важноста за силна регионална соработка.

Поврзано со одбранбената соработка, министерката посочи дека Македонија високо го цени учеството на романските претставници на Летниот кампус, а како можност за развој на соработката го спомена користењето на регионалните капацитети како армискиот полигон „Криволак“ за заеднички вежби, центарот за односи со јавноста, како и соработката во сајбер-безбедноста и борбата против тероризмот.

Министерката Шекеринска рече дека Владата на Република Македонија води блиска добрососедска политика и се осврна и на реформските зафати во Министерството како изработката на стратегиските документи кои ќе го трасираат патот за развој на Армијата во иднина.

Соговорниците изразија задоволство од повторното отворање на Канцеларијата на одбранбеното аташе на Романија во Скопје и подготвеност за уште поголемо интензивирање на билатералната соработка, што се гледа и во планот романскиот министер за одбрана да ја посети Македонија следната година.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail