Средба на министрите Шекеринска и Димитров со заменик генералниот секретар на НАТО Роуз Готемелер

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска во Брисел, во пресрет на Состанокот на северноатлантскиот совет со Република Македонија (NAC+1), се сретнаа со заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер.

На средбата стана збор за стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, за политичката ситуација во Македонија и за прогресот во реформските процеси на новата Влада.

Заменик генералниот секретар на НАТО Роуз Готемелер изрази благодарност за учеството на македонските одбранбени сили во Авганистан и рече дека Република Македонија е ценет партнер на НАТО.

- Реформите кои го зајакнуваат доброто владеење, владеењето на правото, и добрососедските односи во вашето мултиетничко општество се од корист за сите ваши граѓани. Прогресот во спроведувањето на реформите бара време и напор, но знаеме дека реформите ќе бидат од голема корист за вашата земја додека се приближувате кон вашите евроатлантски цели и аспирации – рече Готемелер на прес конференцијата по средбата.

Готемелер потенцираше дека НАТО сака да ја види Македонија да ги оствари своите аспирации, како успешно интегрирана земја во стабилен и просперитетен регион.

- Вратите на НАТО остануваат отворени и НАТО ќе продолжи да ја поддржува вашата нација на патот кон членство во Алијансата – рече Готемелер.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека новата македонска демократија успеа да постигне политичка промена во услови на институционална, дури и морална криза.

- Решивме да инвестираме во демократијата за да не се повторат последните години, сакаме слободни медиуми, функционален парламент, независно судство бидејќи тоа е земја како членките на НАТО, кои ги делат истите вредности. Ќе и дадеме на Алијансата повеќе причини зошто Република Македонија треба да биде 30-та членка на НАТО. Го гледаме регионот низ перспектива – или заедно ќе успееме или не. Ние сме земја која гради мостови. Горди сме на Договорот склучен со Бугарија, ќе го движиме регионот во добра насока, поискусни од кризата ќе помогнеме и на другите да одат напред – рече Димитров.

Министерката Шекеринска потенцираше дека Македонија е партнер на НАТО на кој може да му се верува. Таа рече дека владата е посветена земјата да се врати на патот на реформи и кон членство во ЕУ и НАТО.

- Ние сме тука да го завршиме 17. циклус за членство во НАТО. Како Влада одлучни сме преку планот на 3-6-9 да се фокусираме целосно на демократските реформи – владеењето на правото, независни медиуми, независно судство, професионална администрација. Без демократија и владеење на правото, сите наши земји изгледаат помалку безбедни и помалку стабилни – рече Шекеринска.

Таа рече Владата донесе одлука да се подготви нова одбранбена стратегија и нов стратегиски одбранбен преглед кои ќе дадат рамки на начините и политиките со кои Македонија подобро ќе се носи со безбедносните предизвици. Шекеринска посочи дека постепено ќе се зголемува и буџетот за Армијата и одбраната почнувајќи од 2018 кон целта потребна за НАТО членство. Информираше дека Владата одобри Македонија да ги зголеми својот придонес во мисијата„ Одлучна поддршка“ за 20% почнувајќи од почетокот на идната година.

Веднаш по изјавите за медиуми, министрите за одбрана Шекеринска и за надворешни работи, Димитров, го започнаа состанокот со Северноатлантскиот совет на Алијансата на кој и формално ќе се заокружи 17. Акциски план за членство на Македонија во Алијансата.

Видеото од изјавите на министрите Шекеринска и Димитров заедно со заменик генералниот секретар на НАТО Готемулер можете да го видите на следниот линк.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail