Средба на министрите за одбрана на Република Македонија и Република Грција во Лариса

Денеска (28.03.2012 год.) во Лариса, Република Грција министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими за време на  посета на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG – South-Eastern European Brigade) оствари средба со министерот за одбрана на Република Грција, Димитриос Аврамопулос.

Двајцата министри разговараа за билатералната соработка во областа на одбраната меѓу двете земји како и за можностите за нејзино продлабочување и проширување.

Министрите за одбрана на двете земји заеднички го истакнаа значењето на евроатланските интеграции и регионалната соработка во однос на безбедноста и развојот на регионот.

Командантот на СЕЕБРИГ бригадниот генерал Здравко Поповски од АРМ  за време на посетата на брифинг ги запозна министрите за одбрана на Република Македонија и Република Грција со организациската поставеност и начинот на функционирање на бригадата притоа истакнувајќи го значењето и улогата на бригадата во рамките на СЕДМ иницијативата во насока на унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи на земјите од југоисточна Европа.

СЕЕБРИГ е во рамките на Мултинационалните сили на југоисточна Европа во СЕДМ иницијативата, процес на соработка на Министрите за одбрана од земјите од Југоисточна Европа и е составена од седум нации: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција. Локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на четиригодишна ротациона основа и моментално се наоѓа во Лариса, Република Грција.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail