Средба на министерката Шекеринска со амбасадорот на Шпанија Абароа Каранза

Денеска во Министерството за одбрана на Република Македонија, министерката за одбрана Радмила Шекеринска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рамон Абароа Каранза.

На средбата министерката Шекеринска истакна дека новата Влада на Република Македонија е посветена на стабилизација на државата и нејзино поставување на вистинската патека кон членство во НАТО и ЕУ. Таа рече дека по промените кои настанаа во нашата земја, новата влада интензивно работи на реформите како што се: слободата на медиумите, правосудство, соработка со граѓанското општество и дека особено работи на подобрување на добрососедската политика која е од исклучително значење за целиот регион.

„Ние имаме поинаков пристап кон нашите соседи и сакаме да создадеме позитивна клима во однос на политиката со соседите. Тоа е добро за стабилноста  и развој на Регионот“ рече Шекеринска.

Таа додаде дека соработка со Кралството Шпанија е добра, но дека истата е потребно да се продлабочи.

„Благодарни сме за можноста што Шпанија ја нуди на нашите припадници за обука и едукација на престижните воени школи во Кралството, како и јазичната обука и истовремено би сакала да Ви ги понудиме нашите капацитети како армискиот полигон „Криволак“ на кој може да се реализираат заеднички вежби од кои бенефит ќе имаат двете армии “ – рече министерката Шекеринска.

Амбасадорот Абароа Каранза во оваа прилика најнапред упати честитки за новата енергија која ја има оваа влада и ѝ посака успех на министерката Шекеринска на оваа позиција. Тој истакна дека Шпанија секогаш ја поддржувала Македонија во своите намери да се интегрира во НАТО и ЕУ. Амбасадорот Абароа Каранза се сложи дека е потребно да се интензивира билатералната соработка и додаде дека е отворена можноста за обука и едукација на припадници на АРМ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail