Средба на министерката Шекеринска со амбасадорката Тулин Еркал Кара: Турција континуирано ја поддржува Македонија во НАТО интеграциите

„Република Македонија високо ја цени постојаната поддршка од Република Турција, почнувајќи од нашето признавање како независна држава, преку поддршката за интеграција во НАТО и други структури, па сè до одличната соработка во одбраната. Таа поддршка беше клучна во најтешките моменти за нас и истата е видлива и денеска“, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната средба со амбасадорката на Турција во Македонија, Н.Е. Тулин Еркал Кара.

Министерката Шекеринска на средбата изрази благодарност за финансиската поддршка која досега достигнува над 20 милиони долари. „За нас се важни и можностите за обука на припадниците на АРМ во турските воено-образовни институции, како и учеството на АРМ во рамките на турските контингенти“, рече министерката и изрази надеж дека оваа добра соработка ќе продолжи и во иднина.

„Ја цениме стабилноста на Македонија која е многу значајна за стабилноста на целиот Балкан. Од аспект на стабилноста и просперитетот Турција дава големо значење на односите со Република Македонија“, рече амбасадорката Кара. Таа додаде дека Турција е една од постојаните поддржувачи на Македонија во НАТО интеграциите и изрази надеж дека новата Влада ќе донесе стабилност.

Турција и Македонија во областа на одбраната соработуваат од 1994 година. Досега во воените училишта во Турција на школување и стручно усовршување биле испратени околу 700 припадници на Армијата на Република Македонија. Земјите соработуваат и на регионално ниво, како што е процесот за соработка во Југоисточна Европа – СЕДМ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail