Средба Шекеринска Бошковиќ: Со членството во НАТО Црна Гора доби значителни позитивни политички и економски ефекти, Македонија е на истиот пат

- Црна Гора и Македонија имаат одлични билатерални односи во доменот на одбраната, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денес се сретна со министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ.

Министерката се заблагодари на силната поддршка која Македонија ја добива од Црна Гора на патот кон НАТО и рече дека позитивните ефекти кои ги има Црна Гора по зачленувањето во НАТО, се голем поттик за Македонија да продолжи цврсто по тој пат.

- Минатата година ја имав честа и задоволството да и честитам на Црна Гора за членството во НАТО. Кажавме дека успехот на Црна Гора е и мотив и инспирација, дека вратите на НАТО се отворени и дека земји како Македонија и Црна Гора и покрај сите предизвици, можат да успеат во зацртаното. Денес сакам да се заблагодарам за големата поддршка која Црна Гора ја понуди и и ја даде на Македонија во овој период. НАТО поканата ја чекавме 10 години и овие 10 години видовме што значи запирање во интегративните процеси. Сметаме дека оваа историска шанса со НАТО покана и можност да ги почнеме преговорите со ЕУ, Македонија нема да ја испушти. Задоволни сме што со членството во НАТО, Црна Гора покажа дека има и позитивни политички, но и економски ефекти и затоа сакаме час поскоро Македонија да стане членка на НАТО. Подигнат животен стандард, држава која се темели на демократски принципи, на владеење на право, на моќни сојузници и пристапување кон развиениот свет. Тоа е шансата која Црна Гора ја искористи, тоа е шансата која Македонија сега нема да ја пропушти – рече министерката Шекеринска.

Црна Гора има најдобри билатерални односи со Македонија во регионот рече министерот Бошковиќ ја потврди силната поддршка за Македонија да стане 30-тата земја членка на НАТО.

- Црна Гора пред нешто повеќе од една година стана полноправна членка на НАТО и ние се залагаме целиот регион да стане дел од најголемиот воено – политички сојуз. Тоа е најдобар начин регионот да се избори со сите предизвици и да се посвети на економски развој и подобар живот за своите граѓани. А за тоа да се направи, пред се регионот треба да е безбеден, да се почитуваат човековите и други права, што е единствено можно со полноправно членство на сите држави на Западен Балкан во Северно – атлантската Алијанса. И поради тоа бевме најголеми поддржувачи на Македонија во НАТО и ги ставивме сите ресурси кога е Македонија во прашање. Она што можам да го пренесам на сите граѓани на Македонија е дека Црна Гора во претходната година дена имаше значаен бенефит од членството во НАТО. Од потполно смирување на политичките тензии до економски бенефити кои се многу добри – рече Бошковиќ и додаде дека е сигурен дека референдумот ќе успее а Македонија многу бргу ќе стане полноправна членка на НАТО.

Центарот за обука на пилоти на Петровец кој денеска го посетија двајцата министри преставува еден од најсовремените објекти за изведување на ваков вид на обука во Република Македонија па и во регионот. Двајца припадници на Армијата на Црна Гора, поранешни питомци на Воената Академија во Република Македонија, се првите двајца странски државјани кои ја завршија обуката за пилоти во нашиот Центар.

Претходно министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ и началникот на Генералштабот на војската на Црна Гора, Драгутин Дакиќ, заедно со заменик министерот за одбрана, Беким Максути и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, присуствуваа на Денот на високи гости на Криволак. Тие ги посетија припадниците на Војската на Црна Гора кои на Криволак изведоа боево гаѓање.

Вежбата на Криволак претставува дел од Планот за билатерална соработка со Црна Гора во 2018 година и е во линија со изразената подготвеност на Министерството за одбрана за засилена билатерална соработка со земји членки на НАТО од Регионот и пошироко како и сигнал за квалитетот и условите за обука кои АП Криволак ги овозможува.

Видео изјави:

Инсерти:

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail