Средба Шекеринска – генерал Ленгиел: Македонија заслужено седнува на масата на НАТО, АРМ е подготвена за тоа

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска се сретна со Шефот на бирото на националната гарда на САД, генералот Џозеф Ленгиел кој пристигна во посета на Република Македонија.

„Во овој момент кога разговаравме за тешките предизвици со кои Македонија се соочуваше изминатите години мораме да спомене дека посетата е навистина во одличен тајминг – во момент кога Македонија покажа дека го заслужува своето место во НАТО алијансата… Партнерството на Македонија, особено со градата на Вермонт, и овозможи на Армијата и на нејзините припадници сиве овие изминати 25 години да создаде многу силни врски кои што се карактеризираат со почит, со професионалниот и со големо партнерство“, рече министерката по средбата.

Министерката истакна дека неколку недели нè делат од седнувањето на столчето во НАТО – Алијансата, кое што оваа држава толку долго време го посакува и дека со потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција минатата година, како и со усвојувањето на уставните измени годинава, Македонија покажа дека може да се ослободи од тегот кој долги години нè влечеше кон дното и не ни дозволуваше да го заземеме своето заслужено место во НАТО. Шекеринска додаде дека успехот кон полноправно членство во Алијансата е и поради тоа што Армијата на Република Македонија беше и е подготвена да стане армија на НАТО.

„На прашањето дали АРМ е подготвена да стане армија на земја- членка на НАТО, ми беше лесно и едноставно да одговорам со да, затоа што АРМ сите изминати години инвестираше во своето знаење, во својата професионалност и меѓу другото тоа беше овозможено со нашите многу блиски врски со САД, со нивната Армија и со нивните национални гарди“, рече министерката. Потенцираше дека за меѓусебната соработка доволно говори фактот дека околу 5.000 припадници на АРМ биле вклучени во заеднички активности и дека токму Македонија и Вермонт беа модел на соработка кога за прв пат во 2010 година заедно упатија свои припадници во операцијата Феникс во силите ИСАФ во Авганистан. Министерката ја спомена и соработката со најстариот воен универзитет Норвич, каде пред само неколку дена беше упатена кадетка од Македонија за да ги продолжи своите студии.

Генералот Ленгиел изрази гордост од досегашното партнерство на националната гарда на САД со АРМ, но и дека со задоволство во блиска иднина го очекува моментот да ја поздрави нашата земја како најнова членка на НАТО.

„Вашата армија е распоредена со нашата национална гарда и таа беше првата армија што беше распоредена во Авганистан заедно со нас. Како член на здружените началници на штаб на САД ве уверуваме дека највисоките воени лидери на САД се свесни и благодарни за сè поголемата и растечка воена храброст и способност на Македонија“, рече генералот. Тој додаде дека војската на САД ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон полноправна евроатлантска интеграција, вклучувајќи и ги активностите за влез во НАТО и ЕУ преку спроведување на судски реформи, зајакнување на демократските институции, борбата против корупцијата и го поздрави изгласувањето на уставните амандмани од страна на Собранието кои се неопходни за исполнување на обврските на Македонија согласно Преспанскиот договор.

Како пример за развојот на меѓусебната соработка и министерката Шекеринска и генералот Ленгиел ја споменаа овогодинашната заедничката вежба „Одлучувачки удар“ на која ќе учествуваат над 1000 припадници на 56. бригада на Пенсилванија и припадници на АРМ од Првата механизирана пешадиска бригада.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail