Средба Шекеринска – Герберих: Реафирмирана германската поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија

Денеска во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска го прими новопоставениот германски амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Томас Герберих и му посака многу успех на новата одговорна позиција.

На средбата министерката Шекеринска изрази благодарност за поддршката која Република Македонија ја добива изминативе години од СР Германија на политички план.

„За Владата на Република Македонија главен приоритет се реформите во сите сегменти на општеството. Наша крајна цел е членство во НАТО и ЕУ и во таа насока очекуваме да продолжи поддршката од СР Германија која ја сметаме за особено значаен партнер“, рече Шекеринска на средбата.
Министерката посочи дека во однос на билатералната соработка во одбраната, Македонија и Германија имаат најсеопфатна Програма, како во областа на обуките на персоналот од Министерството и Армијата, така и во однос на заедничкото учество во НАТО мисиите „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Амбасадорот Герберих изрази задоволство од политиката на Владата и начинот на кој се справува со предизвиците на внатрешен и на надворешен план, и ја реафирмираше германската поддршка за евроатланските интеграции на Македонија. Во однос на одбранбената соработка, амбасадорот се заложи за нејзино понатамошно унапредување во сите сегменти.

СР Германија е една од земјите со кои Македонија има најразвиена и најсеопфатна билатерална соработка во областа на одбраната. Истата се базира на Спогодбата за соработка од 1996 година, а вклучува области како одбранбената политика, логистиката, воената медицина, активности во доменот на атомско-биолошко-хемиската одбрана (АБХО) и други. Особено развиена е соработката во јазичната едукација преку која околу 200 припадници на АРМ го изучувале германскиот јазик, како предуслов за школување во високо-образовните центри во Германија.

Македонија во втората половина на 2012 година беше дел од Борбената група на ЕУ, во која токму Германија беше земја лидер, а припадниците на АРМ во моментов се дел од Командата за обука, советување и асистенција – Север во мисијата „Одлучна поддршка“, каде Германија е водечка нација.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail