Шекеринска на средби со заменичката генерален секретар на НАТО, Готемелер и комесарот Хан

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Брисел, по официјалното отворање на процесот на пристапните разговори на Македонија со НАТО, имаше одвоени средби со заменичката генерален секретар на Алијансата, Роуз Готемелер и со комесарот Јоханес Хан.

На средбите министерката Шекеринска рече дека по еден од најважните моменти на иднината за земјата, добивањето на поканата за членство на Македонија во НАТО, државата е фокусирана на започнатите пристапни разговори, за кои, изрази очекување дека ќе се одвиваат брзо, ефикасно и квалитетно.

„Вложивме големи напори за Македонија да биде целосно подготвена за пристапните разговори. Имаме големо искуство и огромна волја овие разговори да се завршат што поскоро и паралелно со исполнувањето на домашните обврски од Договорот со Грција, Македонија да го заземе своето заслужено место како полноправен член на Алијансата. Почетокот на пристапните разговори е потврда дека процесот продолжува, немаме дилеми дека сме на вистинскиот пат“ рече министерката на средбата со заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер.

Шекеринска истакна дека граѓаните на Македонија се убедени дека влезот во НАТО значи стабилност, сигурност и просперитет за целиот регион и дека тоа е едно од прашањата за кои постои целосен консензус и обединетост во Македонија.

„Владата, премиерот, но и огромен број граѓани на Македонија, над 600.000, донесоа храбра и прагматична одлука која ги отвора вратите кон просперитетна Македонија и просперитетен и безбеден регион. Сега е потребно иста таква одлука да донесат и оние чиј легитимитет им го дава токму народот, односно пратениците во македонското Собрание“, рече министерката и изрази очекување сите пратеници да ја поддржат европската и евроатлантска перспектива на Македонија.

На средбата со министерката Шекеринска, Готемелер рече дека поддршката од НАТО за Македонија продолжува и дека за членството на Македонија во НАТО нема план Б освен имплементацијата на Договорот од Преспа. Заменичката на генералниот секретар на НАТО рече дека сега се е во рацете на пратениците – во овој историски момент да ја реализираат стратешката определба на Македонија за интеграција во НАТО Алијансата.

На средбата на министерката Шекеринска со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, беше речено дека Преспанскиот договор е единствената гаранција за реализација на аспирациите за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. На потег се пратениците кои треба да ги надминат партиските разлики и да дејствуваат за иднината на државата – се согласија соговорниците, и заклучија дека е тешко да се верува дека во иднина ќе има подобар договор за решавање на спорот, и подобра можност за Македонија од оваа.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail