Средба Шекеринска – Каракачанов: Бугарија е подготвена да и помогне на Македонија да стане членка на НАТО

Зајакнувањето на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија се од корист не само за двете земји туку и за регионот и за цела Европа – се согласија министерката за одбрана Шекеринска и нејзиниот бугарски колега Каракачанов на билатералната работна средба која се одржа по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.

Министерката за одбрана Шекеринска се заблагодари на брзата реакција на бугарската влада која понуди помош во хеликоптери за гасење на пожарите што ја зафатија Македонија. Договорот за помошта беше постигнат на средбата на двајцата премиери Заев и Борисов, а личниот ангажман на министерот Каракачанов овозможи помошта да се реализира веднаш.
- Тоа покажува дека добрите односи меѓу соседите секогаш се од корист за брзо решавање на кој било проблем – рече министерката Шекеринска.

Политиката на Бугарија секогаш била да ја поддржи државната независност на Македонија – рече Каракачанов и додаде дека Бугарија го става на располагање сето свое искуство и контакти за побрз прием на Македонија во ЕУ и НАТО.
- Бугарија сака да и помогне на Македонија. Контактите кои ги создадовме на нашиот пат кон ЕУ и НАТО може да ви бидат многу полезни. Кога Бугарија, Грција, но и Македонија и сите држави од регионот ќе бидат дел од ЕУ проблемите ќе се решаваат полесно. За приемот на Македонија во НАТО ја нудиме нашата експертиза и совети –рече Каракачанов.

Министрите договорија засилена соработка во одбраната, во поглед на обуките на припадниците на АРМ во Бугарија, во поглед на военото образование и воено – медицинското усовршување.

Средбата заврши со покана од Каракачанов до Шекеринска за возвратна посета на Бугарија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail