Средба Шекеринска – Крстичевиќ: Хрватска силно ги поддржува евроатлантските амбиции на Република Македонија

Стабилен, безбеден и просперитетен регион е можен само доколку земјите – аспиранти за членство во НАТО бидат целосно интегрирани во Алијансата. Македонија на збор и дело покажува дека членството во НАТО е нејзин врвен приоритет, а за тоа има и безрезервна поддршка од Република Хрватска, беше речено на денешната средба во Загреб министерката Радмила Шекеринска и хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ.

Министерот Крстичевиќ посочи дека Македонија во Хрватска има партнер и пријател подготвен да го отстапи своето знаење и искуство. „Искуствата на Хрватска се драгоцени за Република Македонија на својот пат кон целосна евроатлантска интеграција“, рече на состанокот министерката Шекеринска.

Mинистерката Шекеринска потенцираше дека и македонската и хрватската влада имаат исти цели за идната година – зголемување на буџетот на одбраната и подобрување на животните услови на војниците, подофицерите и офицерите, зашто без задоволни војници нема ни добра Армија. Шекеринска додаде дека Хрватска и Македонија ќе продолжат да соработуваат и во однос на користењето на Регионалниот центар за односи со јавноста во Македонија, и воено-образовните капацитети во Хрватска. „Денеска ја договоривме и соработката на двете држави во однос на стратешките документи, за кои искуството од Хрватска ни е од голема важност“, рече министерката.

Хрватскиот министер за одбрана изрази задоволство од одличната билатерална соработка меѓу двете земји. „Подготвени сме да дадеме помош и совети во спроведувањето на реформите, јакнењето на стабилноста и во процесот на интеграцијата. Имаме одлична билатерална соработка, особено во областа на образованието, а нашите војници и заедно соработуваат во мисијата на НАТО во Авганистан“, рече Крстичевиќ.

Министерот Крстичевиќ го потврди своето присуство на претстојниот министерски состанок на САД – Јадранската повелба кој ќе се одржи на 1 декември во Охрид.

По средбите во хрватското министерство за одбрана, министерката Шекеринска ја посети и Командата на специјалните сили.

Попладнево, министерката Шекеринска ќе се сретне со претседателката на Хрватска, Колинда Грабар – Китаровиќ, а утре и со премиерот Андреј Пленковиќ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail