Интензивните контакти, показател за одличните односи меѓу Македонија и Словенија – средба на министерката Шекеринска со амбасадорот Јазбец

Македонија и Словенија имаат долгогодишна интензивна соработка во сите области, вклучувајќи ја и одбраната и таа соработка треба да продолжи да се развива, имајќи предвид дека двете земји имаат одлични билатерални односи базирани на партнерство и поддршка, заклучија на денешната средба во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска и амбасадорот на Словенија, Н.Е. Милан Јазбец.

На средбата министерката Шекеринска се осврна на клучната стратегиска цел на Република Македонија – членството во НАТО-Алијансата, за што истакна дека Владата е целосно посветена на итни реформски зафати кои ќе ја забрзаат интеграцијата во оваа безбедносна организација. Таа изрази задоволство што во Македонија, две од клучните позиции на ЕУ и НАТО, амбасадорот Жбогар и шефот на Канцеларијата за врски на Алијансата, морнаричкиот капетан Бартол доаѓаат од Словенија.

- Словенија во интегративните процеси секогаш стоела до Македонија, поттикнувајќи не на активност, и за тоа сме благодарни – рече Шекеринска.

Министерката посочи дека досегашната блиска соработка и координација поврзана со безбедноста и стабилноста на регионот, особено во време на мигрантската криза, ќе продолжи и во иднина.

Амбасадорот Јазбец уште еднаш ја потврди безрезервната поддршка за членството на Македонија во НАТО и изрази подготвеност интензивните средби и контакти да продолжат и во иднина. Тој додаде дека позитивниот момент во кој се чувствува новиот оптимизам, треба да се искористи, за што побрза интеграција на Македонија во евроатлантските структури, и на тој пат Словенија ќе обезбеди потполна поддршка.

Македонија и Словенија во областа на одбраната соработуваат од 1994 година. Словенија беше втората држава со која Македонија по независноста потпиша Договор за соработка. Планот за билатерална соработка за 2017 година вклучува голем број активности како користењето на заедничките капацитети, обуките и школувањата на припадниците на двете Армии и слично.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail