Американско – британски експертски тим ќе помогне во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството се сретна со американско – британскиот експертски тим кој ќе помогне во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, клучен документ за развој на одбраната и Армијата во следните години.

Тимот од САД е предводен од Ерик Леид, експерт во областа на развојот на одбранбените институции. Дел од експертскиот тим е и британскиот експерт Стивен Гловер, советник за одбрана и безбедност во Одделот за стабилизација на Обединетото Кралство.

Министерката Шекеринска потенцираше дека една од клучните задачи за МО е изработката на Стратегискиот одбранбен преглед. Завршувањето на процесот на изработка е и владина определба – рече министерката и повика на искрени пријателски совети во изработката на реформскиот документ.

Членовите на експертскиот тим порачаа дека стојат на располагање да помогнат со својата експертиза во изработката на Стратегијата за одбрана и Стратегискиот одбранбен преглед.

Американско – британскиот тим во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се сретне и со главната координативна група за изработка на Стратегискиот одбранбен преглед, составена од експерти од Министерството и Генералштабот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail