Средба на МО Шекеринска со полковник Лавоие, одбранбено аташе на Канада

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството за одбрана оствари средба со Одбранбеното аташе на Канада за Република Македонија, полковник Роланд Лавоие. Средбата се реализира по повод неговото скорешно назначување на таа позиција.

На почетокот Министерката информираше за политичката ситуација во Република Македонија, и напорите кои ги прави Владата на Република Македонија во однос на интегративните процеси, посебно во однос на слободата на медиумите, зголемување на улогата на Парламентот и владеење на правото. Заеднички беше констатирано дека овие напори се препознаени кај сите партнери во НАТО и дека се чувствува ентузијазам.

Посебно беше нотирано значењето на нормализацијата на меѓуетничките односи, достигнување кое секако треба да биде признаено и охрабрено од страна на партнерите. Сите овие напори, вклучувајќи ги и добрососедските односи се во насока на уверување на партнерите од НАТО и ЕУ дека Република Македонија игра значајна улога за стабилноста и безбедноста на регионот.

На средбата беше изразено обострано задоволство од билатералната соработка како и интенција за нејзино понатамошно продлабочување. Министерката се заблагодари за можноста на обука на персонал во капацитетите во Канада, каде досега учествувале околу 300 припадници од Република Македонија.

Воедно, беше дискутирано и за претстојната посета на Министерката во Канада, поради учество на Министерски состанок за мировни мисии предводени од Обединетите нации, како и на меѓународниот безбедносен форум Халифакс, во ноември оваа година.

Беше констатирана и потреба за реализација на годишни билатерални консултации,  со цел продлабочување и унапредување на билатералната одбранбена соработка.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail