Средба на министерката Шекеринска со грчкиот колега Апостолакис: Нашите влади има храброст да тргнат кон иднината, стануваме сојузници и пријатели

Денеска во Брисел во рамките на министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, министерката Радмила Шекеринска имаше издвоен состанок со нејзиниот грчки колега, министерот Евангелос Апостолакис.

Шекеринска и Апостолакис се согласија дека двете земји започнуваат ново поглавје на пријателство и сојузништво.

„Ова се историски моменти кои немаше да бидат возможни без лидерството во двете земји, но и чувството на одговорност кај двете влади – одговорност да придонесат нашиот регион да биде стабилен, мирен и просперитетен. После долго и загубено време, нашите влади имаа храброст и одлучност да погледнат кон иднината и да сфатат дека компромисот е најголемата победа“, рече министерката Шекеринска на состанокот со министерот Апостолакис. На оваа средба, министерката се заблагодари за ратификацијата на пристапниот протокол и изрази убедување дека целиот процес ќе заврши брзо и ефикасно.

Апостолакис рече дека договорот од Преспа е пример како треба да се решаваат спорови. Тој иницираше нов договор за одбранбена соработка меѓу двете земји. Грчкиот министер рече дека двете влади многу инвестирале во договорот од Преспа за доброто на своите граѓани. Двајцата министри се согласија дека соработката во следниот период ќе се интензивира на билатерално и регионално ниво и во рамките на НАТО.

Во текот на денот Шекеринска се сретна со министрите за одбрана на Велика Британија, на Канада и на Бугарија. На средбите Шекеринска се заблагодари на поддршката, изрази очекување дека ратификацијата на пристапниот протокол ќе се реализира со забрзано темпо и испрати порака дека Северна Македонија е сериозна во својата одлучност и посветеност да даде значаен придонес во Алијансатa.

До крајот на денот Шекеринска ќе се сретне и со своите колеги од Белгија и Турција.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail