Во Хрватска средба на министерката Шекеринска со претседателот на парламентарната Комисија за одбрана и предавање на Хрватското воено училиште

На вториот ден од посетата на Хрватска, министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретна со претседателот на Комисијата за одбрана во Хрватскиот Сабор, Игор Драгован и одржа предавање на Хрватското воено училиште.

На средбата со Драгован се разговараше за местото и улогата на законодавната власт во системот за одбрана. „Република Хрватска е искрен пријател на Република Македонија кој секогаш несебично нè поддржувал во нашите евроатлански аспирации. Македонија е подготвена да ги реализира сите реформи, при што поддршката од Хрватска и од сите пријателски земји е добредојдена“, истакна Шекеринска.

Министерката, во Хрватското воено училиште „Д-р Фрањо Туѓман“ одржа предавање за евроатлантските интеграции на Македонија и на регионот и ги посети и припадниците на АРМ кои се школуваат во оваа воена високо-образовна институција.

Покрај останатите форми на соработка, одбранбената соработка меѓу Република Македонија и Република Хрватска во областа на военото образование вклучува и обуки и школувања на припадниците на АРМ во високите воени школи во Хрватска (Командно-штабна академија, Школа за национална одбрана и Висока подофицерска школа).

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail