Во Охрид започна напредната НАТО школа за борбата против тероризмот во сајбер-просторот

„Како и другите региони во светот и Југоисточна Европа се соочува со предизвици поврзани со редикализацијата и тероризмот во сајбер-просторот, за што е потребен одговор од страна на НАТО и земјите партнери. За нас од исклучителна важност е да ги разбереме глобалните трендови во врска со користењето на сајбер-просторот од страна на ИСИС и другите терористички организации, како и политичките, технолошките, правните и стратегиските аспекти на ова делување. Не помалку важно е и регионалното поврзување, соработката, а со тоа и зацврстувањето на евроатлантските вредности во регионот на Југоисточна Европа“.

Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во своето обраќање пред присутните учесници на НАТО напредната школа посветена на борбата против ИСИС преку сајбер-просторот, која беше отворена денеска во Охрид.

Вонредниот професор Златогор Минчев од Бугарската академија на науките која заедно со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ го коорганизира овој настан кој е под покровителство на НАТО, посочи дека ова е трета активност по ред посветена на сајбер безбедноста, но дека овој пат, предавањата се директно поврзани со радикализацијата на сајбер-просторот, предизвик кој е исклучително важен за регионот, но и пошироко.

На напредната школа учество земаат над 45 учесници од земјите од регионот, додека предавачи ќе бидат над 20 професионалци од НАТО, САД, Израел и други држави. Во текот на петте работни дена учесниците на школата ќе се запознаат со глобалните трендови во однос на употребата на сајбер-просторот и технологиите од страна на терористичките организации, а ќе се спроведе и детална анализа на овие трендови во регионот на Југоисточна Европа. Дополнително, учесниците ќе имаат можност да изградат регионална соработка, која е и суштинска компонента на изградбата на отпорност против употребата на сајбер-просторот од страна на терористичките организации.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail